ВО ЖИВО: Јавна дебата за изградба на гасоводот на Водно

Град Скопје денеска организираше јавна дебата за изградбата на гасоводот на Водно на која градоначалникот Петре Шилегов како модератор на настанот покани претставници на надлежните државни органи, како и граѓански здруженија кои велат дека не се против изградба на гасоводот но се противат тој да биде изграден на траса која поминува низ парк шумата Водно.

Заменик министерот за екологија Јани Макрадули рече дека парк шумата Водно „за жал воопшто не е заштитено подрачје“ и апелираше властите заедно со невладините организации заедно да го донесат  Законот за ревалоризација.

Макрадули изнесе податоци од, како што објасни тој, ГЕП анализата според која изворот на трасата за изградба на гасоводот е направена врз база на една главна траса и четири алтернативни.

Трасата што поминува низ Водно, рече Макрадули, е избрана затоа што поминува низ подрачја каде што има најмногу црно-габерови шуми кои имаат мало значење на европската скала на шуми. Друга причина, рече тој, е тоа што низ оваа траса постојат нискостеблести дрвја и минува низ предели каде што „ќе има најмалку оштетување на безрбетниците“.

На ова реагираше Татјана Стојановска од НВО „Го сакам Водно“ која кажа дека оваа невладина организација не е против гасификацијата на Македонија но е против тоа трасата да поминува низ заштитена парк шума како што е Водно.

„Водно е заштитено подрачје само не е донесен Законот за ревалоризација. Ние не добивме докази дека тоа е единствениот начин за изградба на гасоводот, дека нема алтернативна траса. Не знаеме дали финансиските причини се единствените зошто изградбата на гасоводот мора да оди преку Водно. Не можете да го земете воздухот од Скопје за да доведете гас во другите градови.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека Македонски енергетски ресурси (МЕР) изработиле предлог на нова траса која, како што реч тоје, во делница од четири километри ќе ја помести линијата на гасоводните цевки, според која значително се намалува оштетувањето на високо стеблестата шума на Водно.

Тој соопшти дека ќе се изврши пет пати повеќе пошумување на поширокото подрачје, каде минува трасата.

Министерот за економија Крешник Бектеши зборуваше за придобивките од гасоводот и посочи дека придобивките од неговата изградба се економски, енергетски иеколошки.

Андреја Јанков од „Го сакам Водно“ реагираше дека никој не ги спори бенефитите од гасификацијата и праша кои се бенефитите ако гасоводот поминува низ заштитената парк шума Водно.

„И по 21 година гасовод Скопје нема дистрибутивна мрежа. Кон Штип е изведена мрежата а таму гас не протекол. Во Куманово уште се прави. Ние бараме ревизија на проектот и предлагаме трасата да оди од Арачиново до Жеден, да се направи од северната страна на Скопје. Или од Скопска Црна Гора да се спушти. По земјоделско земјиште или патишта каде заштитеното подрачје е потесно, помало. Нам ни фали девет метри квадратни повеќе зеленило по жител во Скопје. Според пописот од 2002 година кога Скопје броел 550.000 жители Водно задоволувало 46 отсто од потребите. Сега бројот на жители расте а Водно се намалува“, рече Јанков.