Балкан

Водачот на Албанците во Сирија порано работел за КФОР и за НАТО

Водачот на Албанците во Сирија порано работел за КФОР и за НАТО

Косовецот Лавдрим Мухаџери, лидерот  на албанските војници во Сирија, претходно работел за КФОР во кампот „Бондстил“ и за НАТО во Авганистан, објави приштинскиот весник „Експрес“.

Според весникот Мухаџери, неодамна преку видео на Јутуб апелираше до младите Албанци муслимани да се вклучат во војната во Сирија, јави дописникот на МИА. Тој е познат како Командант Мухаџери и минатата година бил избран за Командант на Албанците кои војуваат против режимот на Башар Ал-Асад, но не припаѓа на оние кои бараат демократија во Сирија, туку на крилото кое бара во Сирија да владее шеријатот, групи блиски на Ал каеда.

Како работник во „Бонстил“ работел до 2010 година, по што заминал да работи во Авганистан во кампот на НАТО и таму останал околу две години. Негови пријатели велат дека тој се поврзал со екстремистички движења кон крајот на 2012, најпрво со локалното друштво „Парими“(начело), од кое подоцна се форимирало друштвото „Риниа Исламе-Качани“(исламска младина-Качаник), каде има позиција на „емир“- водач на военото крило на организацијата.

Во војната во Сирија се приклучил како муџахедин во 2012 и по што се вратил во Косово каде останал до средината на месец Рамазан во 2013, па повторно заминал во Сирија.

Весникот „Експрес“ успеал да обезбеди екслузивни фотографии од Флорим Незирај, кој раководи со Советот на Исламската заедница за Каџаник. Незирај е првиот кој потврдил дека постои раскол меѓу Албанците во Сирија, кои како што деновиве јавија медиумите војуваат и меѓу себе. Командант Мухаџери ги предводи Албанците од Албанија и од Македонија, кои се нарекуваат „Армија на локалци и странци“, која е поврзана со крилото на Ал-Нусра и директно му одговараат на Командантот Ебу Ел Багдади. Тие војуваат против Асад и против војската за ослободување на Сирија.