Водата од Вардар кај Велес не смее да се користи за капење и наводнување

Според најновите податоци на ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес, реката Вардар кај Велес е во петта класа по присутност матност, но и по бактериолошка контаминација, и во трета класа по присусутво на суспендирани материи, фосфати, нитрити и аманијак, како и по БПК-5.

Тоа значи, потенцира д-р Снежана Петрова специјалист по хигиена, дека водите на реката Вардар во Велес, како и во изминатите лета, не треба се користат ниту за капење, ниту за рекреција, ниту за наводнување на земјоделските производи.

– Сето тоа бидејќи користењето на овие води може да предизвика разни болести по здравјето на луѓето, животните и земјоделските производи и затоа треба строго да се избегнуваат, предупредува д-р Петрова.

Што се однесува на водите на реката Тополка во Горниот тек над Велес, по бактериолошка контаминација односно загаденост е од втора класа, но и зголемена матност, која според д-р Петрова, не е штетна по здравјето на луѓето и може да се користи за капење рекреација и наводнување.Но, Тополка во долниот тек кај Велес пред вливот во реката Вардар е во 5-та класа по присутна матност и бактериолошка контаминација и 3-та класа по присуство на нитрити,фосфати и суспендирани материи. И водите на Тополка не смеат да се користат за капење, рекреација и наводнување, предупредува д-р Петрова.

Водата на реката Бабуна во горниот тек одговараат исто како и кај Тополка и се од втора класа и можат да се користат за капење, рекреација и наводнување, но во долниот тек пред вливот во Вардар и истекот на води од околните индустрии реката Бабуна исто како и Вардар, станува мртва река од 5-та класа и незјините води строго се забрануваат и за капење и за рекреација и за наводнување, предупредува д-р Петрова.

Што се однесува на рекреативното велешко Езеро „Младост“ според континуираните мерење односно земање мостри од водата на стручните екипи на Центарот за јавно здравје од Велес, ова езеро е во втора класа по бактериолошка контаминација,односно тоа се однесува на зголемена матност и сатурација, а која според д-р Петрова, не се одразува штетно по здравјето на луѓето и може да се користи и за капење и за рекреација и за наводнување на земјоделските култури.

МИА