Водата во три пелагониски села неисправна за пиење

Пелагониските села Брод и Живојно од општина Новаци и Вашарејца и Новоселани од општина Могила кои користат индивидуални водоводи имаат неисправна вода за пиење. Водата е забранета за пиење, миење и друга употреба, потврдија од ЈЗУ Завод за здравствена заштита-Битола, пишува МИА.

Од регионалната здравствена установа истакнуваат дека четирите пелагониски села не се вклучени на градскиот водовод што го одржува ЈКП „Водовод“-Битола, чиј систем непречено функционира и ги снабдува сите водокорисници со здрава и чиста вода.

– Во текот на вчерашниот ден извршивме анализа на водата за пиење во повеќе населени места, а ќе продолжиме и денес. Опасноста од зарази во поплавените подрачја е отворена и затоа препорачуваме да се користи превриена вода за техничка употреба, а за пиење, вода во шише. Од земените мостри од 17 населени места утврдивме дека секое село кое користи вода од градскиот водовод нема проблеми, но во седум села водата која се користи од локални бунари е неисправна, а не смее да се пие во селата Брод, Живојно, Вашарејца и Новоселани, истакна епидемиологот Марика Иванова од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола.

Од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола апелираат семејствата во поплавените подрачја пред употреба, задолжително да вршат превривање на водата, децата да не играат во барите, затоа што е можно мешање на чистата вода со фекална, редовно да се мијат раце, да не се јаде храна зафатена со вода од поплавите, ниту храна која била во фрижидер кој подолго бил без струја.

Со повлекувањето на водата и стабилизирање на состојбата на теренот, екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола во пелагониските општини ќе извршат дезинфекција, а според експертите најверојатно ќе треба општинските совети да усвојат програми и да донесат одлуки за вонредна дезинсекција и дератизација во поплавените подрачја.

 

Фото: МИА