Водата за пиење во Струга е загадена

Ешерихија коли и други колиформни бактерии се пронајдени во водата од градскиот водовод во Струга при анализата што пред два дена ја извршил регионалниот центар за јавно здравје од Охрид. Анализата била направена на барање на Дирекцијата за храна, која донесе  забрана за употреба на водата од градскиот водовод во Струга, информираа од регионалниот центар за јавно здравје во Охрид, објави „Телма“.

Од Дирекцијата за храна вечерва потврдуваат дека е изречена забрана за користење на водата за пиење само во Калишта и дека било побарано од градските власти да издадат предупредување до граѓаните за тоа. Иако другите надлежни информираа дека е неисправна водата во градскиот водовод, засега не се прецизира дали тоа се однесува на водоснабдителниот систем во целата општина.

Граѓаните на Струга се затекнати и велат дека нив никој не ги известил оти има проблеми со водата за пиење, за што се информирале од социјалните мрежи.

Струшката јавност очекува објаснување од надлежните институции и јавното претпријатие Водовод, што точно се случува и доколку има зошто не е информирана за проблемот со водата за пиење, со што, според неа, во опасност се доведува здравјето на граѓаните.

АХВ нареди хлорирање на водата во Струшкиот регионahv

На Јавното претпријатие кое стопанисува во водоснабдителната мрежа во Струшкиот регион, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) му наредила итно хлорирање на водата од јавниот водоснабдителен систем, што било и направено.

Врз основа на добиените резултати од извршените лабораториски испитувања на безбедноста на водата за пиење во Струшкиот регион, кои Центарот за јавно здравје ги врши во рамки на Мониторинг програмата на безбедноста на водата за пиење, бидејќи не се исполнети барањата од Правилникот за безбедност на водата за пиење, АХВ ја забрани за употреба водата од изворот во црквата Калишта во Струга.

Согласно дадената наредба од страна на инспекциските служби на Агенцијата, на изворот на вода во црквата Калишта поставени се информативни табли дека водата не е за употреба. Бидејќи не станува збор за јавен водоснабдителен објект, истите ќе останат поставени таму, а водата ќе биде забранета за пиење и за употреба, се додека не се потврди нејзината безбедност.

Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата. Во текот на утрешниот ден повторно ќе бидат земени мостри за анализа, за да се потврди безбедноста на водата за пиење од јавниот водснабдителен систем.