Воденски го сврте вниманието на германската спортска јавност

Германски весник излезе со приказна за деветгодишниот шампион во повеќе боречки спортови Кристијан Воденски, кој со своето семејство живее во Офенбах. „Рајн Мајн екстра тип“ пишува за деветгодишникот кој собира титули, за кој „Спортмедиа“ неодамна објави приказна. Го претставува како еден од најголемите таленти за боречки вештини во Германија, кој сака да стане еден од најдобрите борци во светот, а го споредува и со легендарниот Брус Ли.

“Ретко кој противник има шанса против Кристијан Воденски. Деветгодишникот е германски шампион во неговата старосна група во бразилско џиу-џицу, модификација на џудото. Дури и во теквондо шампионатот за деца стигна до второто место. Исто така, и во кик-бокс и во борење освои титули,“ пишува новинарот Фабијан Зибел.

Нилс Шлегел, директор на клубот МЛД Спирит во Франкфурт, каде што Кристијан тренира речиси секојдневно, вели дека ретко се гледа толку талентирано дете како Кристијан.

„Тој е многу разновиден и има висока перцепција на спортот воопшто,“ вели Шлегел.

Во продолжение новинарот ја раскажува приказната за Кристијан. Во собата на малиот борец е и постерот на легендарниот Брус Ли.

„Гледам филмови на Брус Ли со задоволство и би сакал во иднина да се борам како него,” вели Кристијан за „Рајн Мајн екстра тип“.

Кога ќе порасне, сака да се вклучи во американската УФЦ (првенство во ултимејт-фајт). За да го направи тоа, третоодделенецот тренира секојдневно и патува од турнир на турнир.

“На 8 ноември е следниот голем светски натпревар (НАГА шампионатот – н.з.), а потоа е германското кик-бокс првенство,” вели таткото на Кристијан, Ванчо Воденски.

„За да победам, треба да извежбам уште неколку добри удари. Во борбата не се бара само издржливост и техника, туку треба да се размислува и со главата“, вели Кристијан, кој во своето основно училиште во Офенбах во слободно време игра шах, што му помага да ја подобри неговата концентрација, додава весникот.

“Кристијан беше срамежлив, но преку спортот стана посигурен и полн со енергија,” вели таткото Ванчо.

vodenski1

Ова се само извадови од интернет-изданието на весникот, а печатеното има уште поголема сторија за Македонецот што одби да земе германско државјанство само за да се бори под знамето на Македонија.

Vodenski-vo-Germanski-vesnik

Извор: спортмедиа.мк