Водостојот на реките во Куманово е намален

Водостојот на реките во Куманово моментно е намален и покрај попладневниот краткотраен интезивен дожд проследен со град,  информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.

По синоќешните поплави од поројниот дожд Општина Куманово достави барање до надлежните институции за да се дозволи расчистување на речните корита од бујната вегетација. Паралелно тече и набавката на материјали, агрегати и пумпи.  Екипи од општинските јавни претпријатија и од Територијалната противпожарна единица ќе дежураат во текот на ноќта и ќе интервенираат доколку има излевање во кумановско.

Советот на Општина Куманово, според најавите од прeтседателот Максим Димитријевски, утре ќе одржи вонредна  седница.

Градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски  по оддржаната седница на општинскиот штаб за заштита и спасување најави дека утре ќе се интервенира на критичните точки кај локалитетот „Водовод“ во населбата Средорек каде се лоцирани дивоградбите кои го стеснуваат речното корито.

Ќе се работи до самото соединување на Кумановка и Којнарка, посочи Дамјановски, со што ќе се овозможи проширување на  коритото и ќе се спречи можноста за излевање на реката на улицата  „Никола Тесла“, каде што денеска имаше најмногу поплавени објекти и простории. Воедно, екипи ќе интервенираат и во Доброшане, во реонот на спортските игралишта. Во тек е и набавка на пумпи и други материјални средства со кои, рече Дамјановски,  ќе се овозможи реална помош за граѓаните.

– Ако имаме поголеми излевање ќе побараме регионална поддршка и национална поддршка, наведе  Дамјановски.

Надлежните државни органи ќе бидат известени за постапките кои ги презема локалната самоуправа согласно препораките што ги даде општинскиот штаб за заштита и спасување што подразбира чистење на речните корита на критичките места. Утре ќе се оддржи и седница на Регионалното тело за справување со кризи на  кој ќе учествуваат преставници од локални самоуправи и државни институци и органи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.