Водовод: До крајот на јуни да се легализираат дивите приклучоци за вода

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информира дека на крајот на овој месец истекува можноста за корисниците кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен или редовен) да може да го отплатат без пресметана камата за задоцнето плаќање.

Плаќањето може да се изврши на благајните на ЈП Водовод и Канализација-Скопје, во целост, или со склучување на договор на рати. Она што е важно и што претставува дополнително олеснување за корисниците е фактот што доколку долгот се отплаќа на рати, трошоците за нотарска заверка на Договорите за рати, се на терет на самото претпријатие, а не на корисниците.

Од претпријатието апелираат до сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода, да го искористат рокот кој е до крајот на овој месец и да ги подмират своите долгови без камати и нотарски трошоци.

Исто така, на крајот на овој месец истекува рокот и за бесплатно евидентирање и легализирање на бесправно приклучени корисници на водоводниот систем. Граѓаните треба да приложат документ за докажување на сопственост или некоја друга сметка што ја плаќаат и да поднесат соодветно барање до ЈП Водовод и Канализација-Скопје. Досега граѓаните за оваа услуга плаќаа 7.080 денари, а сега, се до крајот на Јуни, истата може да ја искористат бесплатно.