Воена операција на украинската армија на аеродромот во Доњецк

Украинските безбедносни сили започнаа „антитерористичка операција“ на аеродромот во Доњецк, кој од утринава е под контрола на вооружени проруски сепаратисти, соопштија властите во Киев.

Во близина на аеродромот се слушале експлозии и истрели, а од објектот се издига густ чад, јавуваат западните медиуми.

Во операцијата учествуваат и неколку украински авиони-ловци.

Портпаролот на украинското Министерство за одбрана, Владислав Селезњов на својот Фејсбук профил напиша дека украинските авиони го уништиле системот за противвоздушна одбрана, кој бил инсталиран на аеродромот и наменет за напади врз украинската војска.

Престрелката на аеродромот почнала непосредно по изјавата на победникот на претседателските избори во Украина Петро Порошенко, дадена на прес-конференцијата Киев, дека нема да преговара со „терористите“ во источна Украина.

Раководството на аеродромот претходно денеска соопшти дека ги откажува сите летови, откако проруски сепаратисти го зазеле објектот и побарале и повлекување на украинските сили од зоната.