Свет

Воена вежба на НАТО во Чешка и Полска

Воена вежба на НАТО во Чешка и Полска

Силите на новата единица за брзо распоредување на НАТО, во април ќе одржат воена вежба во Чешка и Холандија, која во јуни ќе продолжи на територијата на Полска, јавија чешките медиуми.

Како што пренесе дописникот на МИА од Прага, првиот дел од вежбата наречена „Нобел џамп“, што ќе се одржи од 7 до 10 април ќе се фокусира на „брза подготовка и распоредување на компонентите“ на овие единици, кои треба да пристигнат на местото на кризата или надворешната агресија за 48 часа до седум дена.

Вториот дел од вежбата ќе биде од поголем обем и ќе се одржи од 9 до 19 јуни во Полска, во областа на Жаган во западниот дел на земјата. Тој ќе опфати тестирање на капацитетите на распоредување на сојузните сили од Германија, Холандија, Норвешка и Чешка за време на симулирана криза.

Според претходната изјава на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во февруари, единицата за брза реакција ќе има околу 5.000 војници, со елемент на специјални сили и воздушна и поморска поддршка, а нејзината појава е актуелен одговор на НАТО на новите закани.

Германија, Холандија и Норвешка се главните земји каде веќе се формираат привремени форми на новата група. Според дипломатски извори, Германците, понудиле до 2.700 војници, вклучително и воздухопловни сили и морнарица, Холандија и Норвешка дава на располагање околу 2.500 до 1.000 војници, а Чешка 150 војници.