Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ домаќин на уште една НАТО школа

Во период од 8. до 12. овој месец, Воената академија Генерал „Михаило Апостолски- Скопје“ во соработка со НАТО центарот за извонредност Одбрана од Тероризам од Анкара и оваа година ќе биде домаќин на НАТО напредната школа-курс поврзана со сајбер безбедноста и сајбер одбраната.

За разлика од минатата година кога главниот фокус беше ставен на стратешките, правните и техничките аспекти на сајбер одбраната, главен фокус и работен наслов на овогодишната школа е „Користењето на сајбер просторот од страна на терористите“.

Специфичноста на овие школи кои ги оргнизира Воената академија и партнерите е сеопфатниот пристап кон сајбер безбедноста. Над 20 еминентни експерти од ООН, НАТО, ЕУ, Велика Британија, САД, Турција, Естонија, Италија, Бугарија, Црна Гора, Македонија и од големи приватни безбедносни компании ќе се зборува за последните трендови на регрутирањето преку интернетот, обуката, процесот на радикализација, собирањето на информациите и шпионажата, па сѐ до потенцијалните напади кои може да се окарактеризираат како сајбер-терористички напади.

Школата ќе ја посетуваат над 40 студенти од земјите од регионот меѓу кои НАТО земјите (Албанија, Бугарија, Словенија и Хрватска) и земјите партнери (Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Црна Гора).

Имајќи ги во предвид бројните конференции и обуки кои ги организираше Воената академија со партнерите од регионот, а посебно со РАКВУИАК центарот за безбедносна соработка, како оние во Загреб и Сараево, како и фактот дека за наредната 2015 година планира да го стартува институтот за сајбер безбедност и дигитална форензика, би можело со право да се каже дека, Воената академија е лидер на регионално ниво во доменот на сајбер одбраната и безбедноста.