Спорт

“Воините” од Голден Стејт го предводат Западот, во потера по нив се Мемфис, Хјустон и Сан Антонио

“Воините” од Голден Стејт го предводат Западот, во потера по нив се Мемфис, Хјустон и Сан Антонио

Тимот на Голден Стејт и во текот на минатата сезона играше одлично, впрочем скорот во регуларниот дел од сезоната (51-31) и 6-то место на Западот го потврдуваат тоа. Сепак во плејофот налетаа на одличниот тим на ЛА Клиперс, кој успеа да ги добие “воините” во максимални седум дуели.

Она што не успеаа да го постигнат минатата сезона, а тоа е конференциско финале, се чини ќе им успее оваа, судејќи според почетокот на сезоната.

Голден Стејт до овој момент игра фантастична сезона и е водечки тим во лигата со скор од 19 победи и само 2 порази. Ако на ова се додаде дека во моментов нивната победничка серија трае дури 14 натпревари по ред, тогаш останатите тимови треба сериозно да ги проанализираат “вориорси” и да најдат начин како да ги поразат во некој од следните натпревари.

Бековскиот тандем Стеф Кари – Клеј Томпсон со 51.2 поени и 11.2 асистенции по натпревар е можеби “најубиствениот” во целата НБА лига. Покрај овие двајца, во тимот се уште и одличниот со 9.5 скокови по натпревар Ендру Богут, искусниот Андре Игудала, Харисон Барнс итн., со што Голден Стејт има одличен ростер на кошаркари, што е неопходно ако се земе во предвид колку е долга сезоната, а и нивните амбиции за највисок пласман.

Еден од водечките тимови на Западот е и Мемфис, кој со 17 победи и 4 порази го има вториот најдобар резултат вкупно во лигата.

Ова до некаде и се очекуваше, со оглед на тоа што тимот е заедно веќе неколку сезони, а сезонава им се приклучи и ветеранот Винс Картер.

Иако компактноста е главното оружје на тимот, сепак мора да се напомене дека првиот центар на тимот, Марк Гасол ја игра својата најдобра сезона во НБА кариерата. Тој со просек од 19.5 поени е прв стрелец во тимот, со 1.5 блокови по натпревар е водечки и меѓу блокерите, со просечно 8 скокови е втор зад Зек Рендолф, а втор е и во категоријата асистенции со 3.8 по натпревар.

Покрај Гасол, Мајк Конли, Зек Рендолф и Тони Ален се главните носители на тимот, а тука се и Картер, Тајшон Принс, Бено Удрих итн., што му дава ширина на тренерот Дејвид Јергер да калкулира со играчите и да им овозможи на стартерите доволен број минути одмор на клупата.

Веднаш зад Мемфис на Западот е тимот на Портланд Трејлблејзерс.

Предводени од Демиен Лилард и Ламаракус Олдриџ, “блејзерси” годинава играат уште подобро од минатата сезона, а доколку овие двајца кошаркари останат здрави во текот на сезоната, “блејзерси” ќе бидат едни од главните претенденти за титулата најдобар на Западот.

Олдриџ е водечки стрелец и скокач во тимот, со 21.7 поени односно 9.9 скокови по натпревар. Лилард пак, просечно постигнува по 19.8 поени, што го прави втор кошгетер во тимот, а водечки е по бројот на асистенции со 6.2 по натпревар и просек од 1.5 украдени топки.

И останати играчи на Портланд играат во одлична форма сезонава, па покрај Одлриџ и Лилард тука се и Весли Метјус, Стив Блејк, Робин Лопез, Николас Батум итн., кои и тоа како допринесуваат во одличната сезона која тимот ја игра барем досега.

Меѓутоа Западот е многу повеќе од овие три тима.

Тука се и ЛА Клиперс, Хјустон, Сан Антонио, а откако се вратија од повредите Вестбрук и Дурант, се очекува и Оклахома да започне серија со која ќе се искачи на некои од погорните места во конференцијата.

Блејк Грифин сезонава е петти најдобар стрелец во лигата со 23.7 поени по натпревар, и заедно со Крис Пол се предводници на Клиперси во походот по што подобар резултат во лигата. Секако тука е и еден од најдобрите центри во НБА, ДеАндре Џордан, Џамал Крофорд и Мет Барнс, составуваат одличен тим. Поштедени од повреди, Грифин и другарите ќе целат високо на крајот на сезоната.

Иако неколку натпревари игра без Двајт Хауард, тимот на Хјустон сеуште е во одлична позиција на Западот, со 16 победи и 5 порази.

Ова се должи на другиот суперстар во тимот, Џејмс Харден кој со 25.6 е водечки стрелец во лигата и дури и без својата друга половина од Ол-стар тандемот, успева да ги одржи “ракетите” во трка со најдобрите тимови на Западот. Откако ќе се врати и Хауард, се очекува Хјустон да биде главниот конкурент за првата позиција во западната конференција.

Со оглед на фактот дека главните ѕвезди Тони Паркер, Тим Данкан и Ману Џинобили им се во поодминати години, минатата сезона никој не сметаше дека Сан Антонио може да стигне до титулата. Сепак, демантот стигна во јуни, кога токму тие се радуваа на НБА круната.

И годинава Сан Антонио го задржа костурот на екипата, така да и годинава ќе бидат едни од главните конкуренти за пехарот.

Конечно, тимот кој полека ќе се качува на табелата, Оклахома, се очекува да експлодира кога ќе биде најпотребно, во плеј-офот. Екипата се соочи со огромни проблеми откако сезоната ја започнаа без својот прв стрелец, Кевин Дурант, а на стартот се повреди и Расел Вестбрук.

Сепак, нивните повреди се веќе минато, а “тандерси” ќе можат да излезат од дното на Западот, каде се најдоа по првите петнаесетина натпревари од сезоната.

Очигледно дека сезонава во западната конференција ќе биде густо, односно борбата за плеј-оф позициите ќе биде жестока, сепак овие се тимовите кои ќе го имаат главниот збор во креирањето на редоследот на Западот.