Воислав Коштуница сака да се врати во политиката

Поранешниот претседател на Демократската партија на Србија (ДПС), Воислав Коштуница, може веќе на есен да се врати во политиката и да го презеде кормилото на партијата.

Како што дознава српски Курир, Коштуница сака да се врати на чело на партијата, но доколку сам го најави своето враќање, ќе го наруши сопствениот имиџ и нема да се покаже како човек од збор.

„Кога заминуваше рече дека нема повеќе да се занимава со политика и со тоа беше претставено неговото заминување од политичката сцена во пензија. За да не го наруши својот имиџ на принципиелен човек од збор, договорено е самата партија да побара негово враќање. На тој начин Коштуница ќе се врати на чело на партијата, а во јавност нема да ја наруши добрата слика за себе. На есен на изборната седница на партијата, Коштуница треба повторно да стане лидер на ДПС . Таков е планот засега“, вели изворот на Курир.

Според функционерите на ДПС, Коштуница често доаѓа во централата на партијата и им помага на сопартијците со совети за водењето на пратијата, како и за решавањето на проблематичните прашања.

Заменик-претседателот на партијата, Александар Поповиќ, вели дека е невозможно да се зборува за ДПС, а да не се спомене Коштуница, но тоа не значи дека тој се враќа во политиката.

„Коштуница е темелот на партијата и историска личност. А што се однесува на неговото политичко ангажирање во иднина, тој се јасно кажа. За разлика во многумина, Коштуница е човек од збор“, изјави Поповиќ.

Колку за потсетување, Воислав Коштуница се повлече од чело на ДПС откако доживеа дебакл на изборите кога неговата партија не го поминала потребниот цензус. Тогаш лидерската позиција ја презеде Александар Поповиќ, кој напомена дека на оваа позиција ќе остане до изборната седница на есен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.