Свет

Војната против „Исламска држава“ ја поддржуваат 40 земји

Војната против „Исламска држава“ ја поддржуваат 40 земји

Постојаниот претставник на САД во Обединетите нации, Саманта Пауер, објавила дека голем број држави ја поддржале борбата против џихадистите на групата „Исламска држава“, јавија светските новински агенции, пренесува Нетпрес.

Таа не прецизирала за кои држави станува збор, ниту нивото на поддршката која ја дале тие.

Во изјава пред телевизиите Си-Би-Ес и Еј-Би-Си, Пауер рекла дека точно 40 држави дале поддршка на војната против „Исламска држава“, и дека тие дополнително ќе ги објават своите планови.

„Не сме извршиле воздуни напади во Сирија, а секоја земја поединечно ќе објави дали сака да учествува во воени дејствија или ќе обезбеди воени средства. Ќе направам една прогноза. Ако претседателот Обама одлучи да почнат воздушни напади во Сирија, нема да ги изведеме само ние“, рекла Пауер.

Минатата недела Франција изведе воздушни напади против „Исламска држава“ во Ирак, но претседателот Франсоа Оланд, ја исклучи можноста за такви напади во Сирија, или пак да се испратат копнени сили.

Во среда американскиот претседател Барак Обама, ќе има говор во Генералното собрание на ООН, во кој се очекува да побара меѓународни дејствија против „Исламска држава“.

Што се однесува, пак, до испраќањето на копнени сили на САД, Пауер ја повторила позицијата дека „локалното население“ е најпогодно за водење на борби против „Исламска држава“. Таа дополнила дека обучавањето на умерените сириски бунтовници ќе им помогне да се борат не само против „Исламска држава“, туку и против војските на сирискиот режим на претседателот Башар Асад.