Македонија

Војниците прават насип од 10.000 вреќи во пелагониско

Војниците прават насип од 10.000 вреќи во пелагониско

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги посети  поплавените подрачја околу Црна Река во пелагониско, како и селата Тројкрсти и Лознани, објави МИА.

Иванов го посети селото Тројкрсти каде што припадниците на АРМ, вработени во јавните претпријатија од Прилеп и во Противпожарната единица поставуваа вреќи со песок како превентивна заштита по најавата за нови дождови.

Како што е најавено од надлежните институции во Прилеп денеска треба да се постават околу 6 илјади вреќи песок крај Црна Река и каналот „Блато“ кај селата Чепигово, Тројксти и Тополчани.

– Денеска сме во Пелагониско за да го видиме пробивањето на Црна Река и сите активности кои се преземаат од Армијата, од општините и јавните претпријатија бидејќи се очекуваат нови врнежи, па овие пробиени места треба да се санираат. Тука се околу 250 припадници на Армијата и во текот на денешниот ден се обидуваат да постават вкупно 10 илјади вреќи со песок кои колку толку да ја санираат состојбата, изјави Иванов по посетата на село  Лознани.

Тој го повика и локалното насление да се вклучи во поставувањето вреќи со песок.

–  Локалното население треба да им помогне на војниците и на сите ангажирани од јавните претпријатија за колку толку да се избегнат поголеми катастрофи од кои се зафатени и соседните земји, вели Иванов.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески информираше дека војската е ангажирана во неколку региони.

–  Изминатите денови Армијата е ангажирана во Штип, Струмица, Куманово и овде, во пелагонискиот регион, особено по течението на Црна Река. АРМ го даде својот максимум и е подготвена да ги вложи сите капацитети во помош на граѓаните и локалните самоуправи кои се загрозени од поплавите, рече тој.

Котески нагласи дека Армијата максимално е ангажирана и подготвена е дури и за евакуација на загрозено население.

– Во овој момент се вклучени 700 војници, како и механизација, ги снабдува со гориво општините зафатени со поплавите. Подготвени се два тима од воздухопловството доклоку дојде до евакуација на загрозено население, истакна Котески.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески информираше дека на синоќешниот состанок на Кризниот штаб одржан во Битола со кој раководи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески договорено е поголемите општини Битола и Прилеп да им помогнат на помалите општини.

–  Ја понудивме сета помош за да се подготвиме за евентуалните нови најавени дождови. Преку Армијата се обезбедени неколку стотини војници, а двете општини ги пуштија на терен вработените од јавните претпријатија. Од Прилеп се ангажирани преку 100 луѓе кои помагаат да се постават вреќите со песок по течението на Црна Река и онаму каде што е направен пробив. Се надеваме дека ќе успееме зашто водостојот на реката и на сите канали е на највисоко ниво, рече Ристески.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески ја потврди помошта на општината за да се санира течението на Црна Река.

– Проблемот во пелагониско е што мрежата на Црна Река нема капацитет да ги прими сите води. Се обидуваме да ја пренасочиме водата да не дојде до куќите во населените места. Има и големи процепи кај селата Радово и Чарлија. И таму има луѓе и активности, рече Талески. Се очекува во 14 часот да има нови информации кога во Битола ќе се состане Региоаналниот кризен штаб со министерот Миле Јанакиески, изјави тој.