Војувал во ОНА, работел во MO, загина како џихадист во Сирија

Војувал во редовите на ОНА на Kосово, a потоа и во Македонија во 2001 година, по што следувало „заслужено“ вработување во Подрачната единица на Министерството за одбрана за општина Чаир и потоа во Институтот за духовно наследство на Албанците за на крајот да загине како џихадист на радикалната Исламска држава. Ова е дел од биографијата на 38-годишниот Сејдула Алили, дванаесетти Албанец кој деновиве загина во Сирија. Алили, чија адреса на живеење е на познатата скопска улица Дижонска, истовремено е и осми жител од општина Чаир што загинал во редовите на најрадикалните исламисти, кои ги гледавме како отсекуваат глави на неистомисленици, пишува Дневник.

Случајот со Алили отскокнува од досега познатите џихадисти од Македонија, кои беа, пред се, млади лица, без вработување и со поскромно образование. Напротив, тој имал високо образование, па дури и имал магистерска титула, како и постојано вработување, кое му носело материјална сигурност. Токму неговата плата е предмет на контроверзии и тоа во делот дали му била исплатувана и покрај тоа што веќе не бил на работното место, туку во вооружените формации на најозлогласената терористичка формација. Според тврдењата на доброупатените извори, и покрај фактот што отсуствувал од работа, на негова трансакциска сметка во Македонија редовно му се исплатувала платата. Наспроти ова, од последната установа во која се наоѓал на платниот список, Институтот за духовно наследство на Албанците, одговорните лица тврдат дека доаѓал на работа с` до почетокот на август годинава по што зел годишен одмор и бидејќи не се појавил на работа три дена по завршувањето на одморот, му бил даден отказ. Меѓутоа, медиумите на албански јазик, кои први објавија дека Алили загинал во Сирија, во веста потенцираа дека тој подолго време се борел заедно со џихадистите, односно дека не бил во Сирија само од август, објави весникот.

Дневник: Суспензија во Одбрана поради отсуството од работа

Приказната за врските на Алили со џихадистите практично започнува кон крајот на минатата година кога тој работел како надлежен раководител на службата задолжена за територијална одбрана во скопската општина Чаир, која е дел од Министерството за одбрана, а чиј министер тогаш е Талат Џафери од редовите на ДУИ. Според неофицијалните информации, Алили, кој претходно има го завршено средното исламско училиште Медресата во Kондово, а високо образование на УKИМ, каде што и магистрирал на албанологија, почнал да се однесува несекојдневно и да не се појавува на работа во чаирската подрачна единица уште во октомври-ноември минатата година. Нашите извори тврдат дека токму во тој период тој заминал за Сирија. Подолгото отсуство од работа тогашниот министер Талат Џафери веќе не можел да го толерира, па решил да му изрече дисциплинска мерка суспензија од работното место. Инаку, за вршење на работите врзани за организирањето на територијалната одбрана на општината, сега веќе загинатиот џихадист добил и соодветен безбедносен сертификат, што значи дека имал пристап до одредени доверливи информации од областа на безбедност.

Талат Џафери вчера не одговори на телефонски повици и СМС-пораки на Дневник, за да објасни повеќе дилеми за неговиот поранешен работник, како што е преземената мерка, дали е точно дека бил мошне близок до неговата партија ДУИ и слично.

Работел, не работел

Но, случајот со Алили не завршува тука бидејќи под с` уште неразјаснети околности тој се префрлува на работа во Институтот за духовно наследство на Албанците. Таму практично се наоѓа на платен список од почетокот на годината. Актуелниот директор на Институтот, Скендер Асани, првин ни изјави дека такво лице не работи во Институтот откако е тој директор за да нешто подоцна во официјалната писмена изјава соопшти дека Алили, сепак, бил редовно вработен, дека доаѓал на работа и му дал отказ. Инаку, директорот Асани е редовно вработен во овој Институт уште од 2008 година како научен соработник. Еден од вработените, пак, со зборовите „не знам“ одговори на прашањето дали му е познато дека Сејдула Алили работел, односно бил негов колега.

Kако и во другите случаи со загинати Албанци од Македонија во Ирак и во Сирија, така и за него се уште нема официјална потврда дека тој навистина загинал. Информациите за тоа се базираат врз основа на сознанијата што доаѓаат од редовите на неговите соборци – џихадистите.

Досега медиумите на албански јазик објавија имиња на повеќе од 30 Албанци од регионот што загинале во борбите во Сирија. Освен македонските, на листата се петнаесетина косовски и десетина државјани на Албанија. Седуммина од десетте македонски вахабисти за кои официјално е потврдено дека загинале во Сирија и Ирак биле жители на скопската општина Чаир, а петмина биле од исто маало во населбата Гази Баба. Двајца џихадисти живееле на иста улица, а други тројца на улици во радиус од педесетина метри, во маалото меѓу џамиите „Јахја-паша“ и „Тутунсуз“ за кои Исламската верска заедница (ИВЗ) предупреди дека се преземени од вахабисти.

Целата тема прочитајте ја на Дневник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.