Војводина ја “демолираше” Сампдорија на гости, мечот меѓу Кукеши и Легија прекинат

Војводина со убедлива предност се враќа од Италија

Фудбалерите на Војводина направија вистинска сензација, победувајќи ја Сампдорија на гостински терен со убедливи 0:4. Ваков дебакл домашните фудбалери ретко забележуваат и при дуелите со гигантите од Серија А, како Јувентус, Рома, Милан, Интер итн., но ете им се случи од српскиот тим.

Тимот од Нови Сад поведе со голот на Иваниќ уште во 4-та минута, на 0:2 зголеми Станисављевиќ во 49-та, во 58-та минута гол постигна и Ожеговиќ, кој ги постави и конечните 0:4 во 90-та минута од натпреварот.

Од останатите натпревари во ЛЕ, треба да се издвои и прекинот на дуелот меѓу албанскиот Кукеши и полската Легија.

Мечот кој се играше во Тирана беше прекинат на почетокот од второто полувреме, веднаш откако Рженичак погоди за водство на гостите од 1:2. Домашните фанови, незадоволни од примениот погодок, со камен во глава го погодија гостинскиот играч Дуда, по што судијата Штефан Клоснер од Швајцарија го прекина мечот.

Официјалните лица од УЕФА соопштија дека натпреварот нема да продолжи, што значи дека албанскиот тим ќе биде казнет со службен пораз од 0:3.