Волен Сидеров: Операциите на НАТО ја загрозуваат националната безбедност на Бугарија

Бугарија во моментов учествува во операции на НАТО, кои ја загрозуваат нејзината национална бебзедност, изјави денеска лидерот на бугарската националистичка партија Атака, Волен Сидеров во обраќање во Парламентот во Софија, пишува МИА.

Како што јави БТА, Сидеров истакна дека операциите на НАТО во кои се вклучени и бугарски војници, претставуваат „опасна провокација“.

Сидеров нагласи дека негов совет до премиерот и до Владата е Бугарија да прогласи неутралност и да не учествува во овие воени операции, бидејќи, како што нагласи, таа не е обврзана на тоа според Уставот на НАТО.

– На тој начин ќе покажаме дека немама никаква врска со ескалацијата на воените тензии. Не е доцна да го сторите тоа и да не учествуваме во воени операции, вклучително и во маневрите на НАТО во регинот на Црното Море, изјави Сидеров.

Според него, Бугарија нема никаква полза од учеството во „некакви вежби, кои се јасно насочни против Русија“.

Сидеров нагласи дека Владата треба јасно да каже дека нема да дозволи отворање на Команден центар и база на НАТО во Бугарија и да не учествува во воени вежби во водите на Црното Море.

Седум членки на НАТО, Бугарија, Канада, Германија, Италија, Романија, САД и Турција, вчера започнаа поморски маневри во Црното Море.

НАТО изминативе месеци одржи серија воени вежби во источна Европа со цел делумно да ги намали стравувањата на неговите членки по руската анексија на Крим во март 2014 година и ескалацијата на кризата во Украина.