Македонија

Волерс: Горди сме на пријателството со Македонија

Волерс: Горди сме на пријателството со Македонија

Ние сме горди на нашето пријателство со Македонија и се гордееме со врските што ги имаме. Посакувам тоа да расте и да се зацврстува и секогаш да ги почитуваме вредностите кои ги споделуваме, изјави вечерва американскиот амбасадор Пол Волерс на приемот во Амбасадата на САД по повод 4 Јули – Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

На прославата присуствуваа претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, на Парламентот Трајко Вељаноски, министри во Владата, академици, бизнис и интелектуалната елита, претставници на верските заедници, дипломатскиот кор и други гости.

„Нашите американски војници биле рамо до рамо со војниците од Македонија во Ирак и во Авганистан, од 1996 година наваму повеќе од 400 волонтери на Мировниот корпус имаат воспоставени врски и пријателства во градови и села низ Македонија, американските компании имаа придобивка од квалификуваната и талентирана работна сила во Македонија, преку програмите за размена на Амбасадата на САД во изминатите 20 години повеќе од 20.000 граѓани на Македонија биле во Соединетите Држави за да студираат, работат и да градат нови мостови на разбирање помеѓу нашите народи“, рече Волерс.

САД, додаде тој, се земја на имигранти, во која потрагата по подобри можности ги довеле и неговите баба и дедо од Германија и Данска, но и многу граѓани од Македонија како Мајк и Мариан Илич – мошне успешни претприемачи кои се дел од првата генерација Американци со македонско потекло, потоа Перо Антиќ, Милчо Манчевски…

Тоа дека луѓето од Македонија го збогатиле животот и општеството на Америка, го потврдува и приказната за Стојан Кристоф. Како момче на 13-годишна возраст дошол во САД и од работник на пругата на Големата северна железница со своите залагања се издигнал до позицијата член на Претставничкиот дом на Вермонт и на Сенатот на Вермонт – сојузната држава чија Национална гарда е партнер на Македонија и, вели Волерс, уште една витална врска меѓу двата народа.

„ Стојан Кристоф рекол: „Во мојот живот имав две мајки: Македонија која ме роди и Америка која ме посвои“. Оваа реченица зборува многу за нашето партнерство и заеднички врски. Препознавањето на улогата на нашите две земји, на двете татковини во постигнувањето на овој индивидуален успех треба да не прави сите нас горди“, порача Волерс на прослвата која традиционално беше збогатена со огномет.

На 4 јули 1776 година беше ставен потпис на Декларацијата за независност – документот со кој беше означен почетокот на создавање на САД. Американците денот го прославуваат со семејни собирања, паради, пикници, огомети, но и со потсетувања на историјата на градење на нацијата.