Волфсбург не бара купец за Луис Густаво

Генералниот менаџер на германскиот бундеслигаш Волфсбург, Клаус Алофс испрати јасна порака до сите заинтересирани клубови дека бразилскиот интернационалец Луис Густаво не е за продажба и дека нема да му биде дозволена никаква промена на клупската средина за време на летниот преоден рок.

“Среќни сме затоа што на располагање ги имаме услугите на Луис Густаво. Станува збор за фудбалер кој има статус на стандарден првотимец, кој е составен дел од овој амбициозен клуб. Густаво потпиша долг договор со Волфсбург, му беа понудени најдобрите услови за работа. Свесни сме дека Густаво е дел и од репрезентацијата на Бразил и знаеме дека ќе добиеме многу понуди за неговите услуги доколку нашиот фудбалер одигра одлично на престојниот Мундијал. Сепак, ние не сме заинтересирани за никаква продажба, Густаво мора да остане во редовите на Волфсбург и тоа по секоја цена”, изјави Алофс.