Свет

Волстрит и натаму нестабилен, пад на индексите

Волстрит и натаму нестабилен, пад на индексите

На њујоршки Волстрит во средата берзанските индекси паднаа, по многу несигурното тргување и големите осцилации на цените на акциите, додека пазарот се обидува да закрепне од остриот пад на почетокот од седмицата.

А на европските берзи, пак, цените на акциите вчера пораснаа. Така лондонскиот FTSE индекс скокна за 1,93 отсто, на 7.279 поени, додека франкфуртскиот индекс DAX порасна за 1,60 проценти, на 12.590 поени, а парискиот CAC индекс се зголеми за 1,82 posto, на 5.255 индексни поени.

Спротивно на Волстрит, главните берзански индекси забележаа пад. Индексот Dow Jones ослаби за 0,08 отсто, на 24.893 поени, додека S&P 500 иднексот се лизна за 0,50 отсто, на 2.681 поен, а индексот Nasdaq потона за 0,9 отсто, на 7.051 индексни поени.

Во поголемиот дел од вчерашното тргување на њујоршката берза индексите беа во позитивната област, додека пазарот се смирува откако во петокот и во понеделникот цените на акциите потонаа за повеќе од 6 отсто. Меѓутоа, пред крајот на тргувањето индексите попуштија и завршија во минус.

„Очигледно е, многу вложувачи се загрижени и нервозни. Којзнае што ни носи утрешниот ден? Оттаму, некои инвеститори само ја чекаат приликата да се повлечат од пазарот, па штом цените малку ќе пораснат, ќе заредат налозите за продажба“, вели во анкетата на Reuters Стивен Масока, потпретседател во компанијата „Wedbush Securities“.

Повеќето аналитичари и следните денови очекуваат нестабилно тргување, бидејќи никој не е сигурен во која насока пазарот ќе тргне. Дали падот на пазарите во понеделникот, најглолемиот во последните шест години, беше само здрава корекција на цените пред нивниот нов подем или берзанските индекси повторно и дополнително ќе паѓаат.

Поддршката на пазарите им даваат јакнењата на најголемите светски економии, од САД и Кина до еврозоната и Јапонија, добрите деловни резултати на компаниите и неодамна воведената даночна реформа во САД, со којашто се намалени даноците на компаниите.

Меѓутоа, од друга страна, инвеститорите ги плаше јакнењето на инфлацијта, што може да предизвика забрзано темпо на зголемување на клучните каматни стапки на американската централна банка. Стравуваат, исто така, дека пазарот на акциите е преценет, имајќи предвид дека веќе девет години владеат „биковите“ и дека последните месеци берзанските индекси речиси непрестајно достигнуваа рекордни нивоа.

„Сега, кога сите се на работ, напнати, може да се очекува зголемена нестабилност, па може да следат поголеми скокови и подлабоки падови на индексите“, смета Алан Ланц, претседател во компанијата „Аlan B. Lancz & Associate“.