Свет

Вонреден самит на ЕУ посветен на кризата со бегалци

Вонреден самит на ЕУ посветен на кризата со бегалци

Вонреден самит на Европската унија посветен на решавање на бегалската криза денес се одржува во Брисел.

Самитот се одвива само еден ден откако министрите за внатрешни работи и правда, без консензус, ја усвоија резолуцијата за прераспределбата на бегалци меѓу државите-членки.

ЕУ сега настојува да постигне единство на највисоко ниво, бидејќи може да се испостави дека бројката од 120 илјади бегалци, за чија распределба се договорија е мала во однос на вкупниот број на мигрантите, кои веќе влегле во ЕУ и кои тоа наскоро можат да го сторат.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој го свика самитот, со тоа го исполни ветувањето дадено пред две недели дека ќе свика вонредна средба на врвот доколку министрите се согласат за планот на Европската комисија околу 120 илјади бегалци солидарно да се раселат ширум ЕУ преку воведувањена квоти.

Министрите за внатрешни работи и правда на земјите од ЕУ минатиот понеделник не можеа да постигнат договор за тој план, но вчера со големо мнозинство гласови ја усвоија резолуцијата за прераспределбата на бегалците.

Министерот за внатрешни работи на Чешка, Милан Хованец напиша на Твитер дека Чешка, Унгарија, Романија и Словачка гласале против планот, додека Финска била воздржана.