Свет

Вонредна состојба поради пожари во Калифорнија

Вонредна состојба поради пожари во Калифорнија

Властите прогласија вонрдна состојба поради пожари во Калифорнија кои и понатаму се шират.

Евакуирани се илјадници луѓе кои мораа да ги напуштат своите домови.

Во моментов има 12 активни пожари, а два се особено опасни, на околу 160 километри западно и источно од Сакраменто. Овие пожари во Калифорнија уништија стотици куќи, а во нивното гасење се ангажирани илјада пожарникари.

Четворица пожарникари се повредени додека се бореле да го задржат брзото ширење на шумскиот пожар.

Портпаролот на одделението за заштита на шумите во Калифорнија, Даниел Берлант, изјави дека ветрот достигнува брзина и до 48 километри на час, што ја отежнува работата на пожарникарите.

Шумскиот пожар, наречен Огнена долина, што пред два дена изби во областа Лејк каунти, северно од Сан Франциско, брзо се шири на околу 10.117 хектари, соопшти калифорниското Министерство за шумарство и заштита од пожари.

Локалните медиуми покажаа снимки на повеќе објекти зафатени од пламен во Мидлтон, мало место од околу 1.500 жители, едно од неколкуте каде е наредена евакуација.

Околу 160 километри југоисточно, ридски пожар уништи 86 куќи и 51 пропратен објект во селски подрачја на покраините Амадор и Калаверас, каде, според проценките, со пожари се зафатени 26.306 хектари, соопштија властите.

Илјадници жители од ова подрачје во петокот мораа да бидат евакуирани, а пожарот беше закана за повеќе од 6.000 објекти.

Повеќе од 3.800 пожарникари се бореа да го задржат пожарот што изби во средата во близина на некогашниот рудник за злато во градот Џексон, пренесуваат британските медиуми.