Вонредна состојба во Источна Македонија, населението долж Брегалница да се евакуира

Министерот за транспорт и врски и шеф на Централниот кризен штаб Миле Јанакиески, денеска по обиколката што ја направи заедно со премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во штипскиот регион, упати повик до сите населени места по течението на реката Брегалница, вклучувајќи ги дел од Виница, Штип, Чешиново-Облешево, Кочани и останатите општини да апелираат до граѓаните за итна евакуација.

– Повикувам на итна евакуација на сите општини и населени места кои се по течението  на реката Брегалница, бидејќи очекуваме силен бран, кој ќе дојде од браната, изјави Јанакиески, додавајќи оти ситуацијата ја следат будно и се на терен.

Тој го повика и месното население да се вклучи во правењето на насипи, а веќе на терен се припадници на полицијата и војската.

– Браната Калиманци веќе почна да се излева, големиот бран се очекува меѓу 20 и 21 часот. Сите општини што се по течението на реката Брегалница се де факто во вонредна состојба. На денешниот кризен штаб одржан во Општина Штип, ги повикавме сите градоначалници, презедовме сет мерки. Се вклучи максимално и АРМ и МВР, но неопходно е да се вклучи и месното население, нагласи Јанакиевски.

Според него, со прелевањето на браната во моментов од Калиманци кон 20 населени места по течението на реката Бреагалница доаѓаат 270м/3 вода во секунда.

Јанакиевски информира дека со поплави зафатени се и општините Нова и Кумановскиот регион, но најголемиот удар и проблеми, како што рече тој, се очекува во вечерните часови во штипскиот регион.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев вели дека институциите кои се под ингеренции на локалната власт се на терен и веќе работат на насипи по речното корито на Брегалница.

Според него, водениот удар претстои, а најважно е да нема човечки жртви, затоа итно треба да се евакуира населението од сите населени места почнувајќи од  населабата Стар Караорман, Чардаклија, Балканска, Македонка, 8-ми Ноември, Ново село се  до селото Пенуш.