Вонредната состојба во Франција продолжува и следните три месеци

Вонредната состојба, што во Франција беше прогласена по атентатите во Париз на 13 ноември минатата година, е продолжена за уште три месеци, пренесе ТАСС.

Оваа одлука денеска ја донесе Сенатот на републиката.

Предлог законот за продолжување на вонредната состојба беше поддржан од 316 сенатори, а 28 членови на Горниот дом на францускиот Парламент гласаа против.

Зборувајќи пред сенаторите, министерот за внатрешни работи Бернар Казанев подвлече дека вонредната состојба нема да трае бескрајно и дека Министерството за внатрешни работи веќе ја разгледува можноста за враќање на земјата кон вообичаениот режим на безбедност.

При воведувањето на вонредната состојба, во ноември, предвидувањата беа дека таа ќе трае 12 дена, но подоцна беше продолжена за три месеци. Рокот на сегашното дејствие на одлуката истекуваше на 26 февруари.

Противниците на оваа мерка забележуваат дека таа ги ограничува правата на граѓаните и граѓанските слободи и затоа нејзиното продолжување го сметаат за неоправдано и нецелисходно.