Вооружени банди напаѓаат граѓани на автопатот Куманово-Скопје

Сопружници останале без својот автомобил и без пари, вчера, откако биле нападнати од маскирани и вооружени разбојници на автопатот Куманово-Скопје, информира полицијата.

Според МВР, вчера околу 20 часот во полиција било пријавено дека на автопатот Куманово–Скопје, во село Дељадровци, С.Ј.(58) и неговата сопруга Б.М.(43) додека се движеле со патничко возило „Рено Клио“ биле пресретнати и насилно застанати од друго возило во кое биле четири непознати, маскирани, лица вооружени со огнено оружје.

„Непознатите лица насилно ги извадиле од нивното возило С.Ј. и Б.М., по што им го одзеле автомобилот и заминале во правец кон Скопје. Според кажување на оштетените во возилото имало околу 4000 евра. Во 23 часот во полициската станица Ѓорче Петров била добиена пријава од граѓанин дека на влез во селото Орман, скопско, во нива имало пожар. На местото на настанот пристигнала екипа од Бригадата за противпожарна заштита-Скопје и полициски службеници од Ѓорче Петров, и било затекнато возилото „Рено Клио“, целосно опожарено. Увид извршила увидна екипа од СВР-Скопје. Се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на случајот“, се вели во полициската информација.