„Ворија“: Груевски нема да ја смени политиката кон Грција – Заев ќе прифати сложено име

Социјал-демократите на чело со Зоран Заев се согласни со мнозинството грчки политичари и доколку дојдат на власт ќе прифатат сложено име со географска одредница за вкупна употреба, пишува во анализата на грчкиот портал „Ворија”.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, во анализата се вели и дека од друга страна, доколку ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Никола Груевски формираат влада, тогаш политиката кон Грција нема да се промени бидејќи тие и натаму ќе инсистираат на „македонизмот”.

Ако Груевски ја формира владата, политиката кон Грција нема да се помени и македонизмот ќе надвладее, а тоа беше и главниот аргумент за изборната победа. Наместо тоа, влада на чело со социјал-демократите на Зоран Заев целосно ќе ја смени сликата, со оглед на тоа што овој политичар прифаќа сложено име за земјата, како и мнозинството Грци политичари. Тоа значи дека тогаш би имало и договор за името, но да се надеваме дека грчката страна нема да прифати „Македонска нација” и „Македонски јазик”, пишува „Ворија”, нагласувајќи дека во однос на овие термини незадоволство изразува и Бугарија.

Во продолжението на текстот пишува и дека поради овие причини, САД се залагаат за тоа Зоран Заев да стане премиер, додека пак, Груевски информирал дека интервенирањето на албанскиот премиер Еди Рама во македонските внатрешни работи е атмосфера што се создавала уште во минатото, а сега е јавно промовирана од невладините организации спонзорирани од соросовото „Отворено општество”.

 Сега се очекува и ставот на албанските партии, кои што се чини дека поверојатно е да се свртат кон Зоран Заев, со оглед на тоа што ова е и желба на Американците која што беше искажана и преку амбасадорот во Скопје, а динамично и преку премиерот на Албанија, Еди Рама, пишува „Ворија”.

Во анализата се заклучува дека следниов период е одлучувачки во однос на грчко-македонските односи во поглед на одредувањето на политиката на Македонија за „прашањето за името на земјата”.