„Ворија”: Заев поддржува креирање на кантони и официјализирање на албанскиот јазик во Македонија

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев се залага за двојазичност и формирање на кантони во Македонија, е теза што периодов е се повеќе застапена во извештаите на грчките медиуми за претстојните парламентарни избори, јавува дописникот на „Нетпрес“ од Атина.

Порталот „Ворија” информира дека лидерот на ВМРО -ДПМНЕ Никола Груевски се противи на овие идеи на опозицијата, цитирајќи ја при тоа неговата изјава од митингот во Гостивар.

Груевски одговарајќи на изјавите на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој што поддржува креирање на кантони во земјата и официјализирање на Албанскиот јазик, рече: Ние имаме соживот во државата, нам не ни требаат кантони кои што еден ден ќе се растураат, со референдуми ќе прогласуваат независност и ќе се дели и парчи Македонија, информира „Ворија,” нагласувајќи дека главното оружје на Груевски за изборите бил „македонизмот”.

Во текстот со незадоволство се констатира поддршката што шефовите на австриската и унгарската дипломатија, Себастијан Курц и Петер Сијарто ја искажаа не само кон ВМРО- ДПМНЕ, туку и кон европската интеграција на Македонија.

Поддршката на Курц за ВМРО-ДПМНЕ претставува провокација за Грците

И весникот „Етнос” излезе со остри критики поради јавно искажаната поддршка на Себастијан Курц преку присуството и говорот на централниот митинг на владејачката партија во Скопје. Под насловот  „Екстремниот министер за надворешни работи на Австрија прави политички игри со Груевски”, „Етнос” пишува дека шефот на австриската дипломатија „продолжува да провоцира”.

ethnos-kurtz-2

Провокативното присуство на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во Скопје на почетокот на минатата недела, за активно да го поддржи Никола Груевски на изборниот митинг на ВМРО- ДПМНЕ во пресрет на изборите в недела и да зборува за напредокот на пј Р Македонија како земја кандидат за ЕУ, предизвика големи реакции, се вели во текстот на „Етнос”.

И „Етнос” со незадоволство констатира дека после Курц, својата поддршка ја искажал и неговиот унгарски колега Сијарто, нагласувајќи дека токму земјите од Вишегратската група го поддржаа поставувањето на огради, пратија специјални сили во граничните области меѓу Македонија и Грција и ги зајакнаа превентивните мерки во однос на мигрантите и бегалците. Весникот информира и дека обајцата министри се залагаат за подигање на грчкото вето и евро-атлантска интеграција на Македонија.

Груевски не ги менува ставовите и има висока европска поддршка

И во неодамнешната анализа на грчкиот портал „Либерал” се констатира високата европска поддршка за ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски.

 Во Скопје, господинот Груевски, кој што нормално не ги менува своите позиции, туку и го засилува тонот во пресрет на изборите на 11 ти декември, има висока европска поддршка. Не е случајно тоа што на централниот митинг присуствуваше и ги поздрави присутните австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, кој што го координираше првото затворање на грчко-скопската граница, заробувајќи на грчка територија илјадници мигранти и кој што неофицијално границите на Скопје ги претвори во надворешни граници на Европа, се вели во текстот на „Либерал“.

Истиот портал неодамна информираше и дека Заев е договорен на Албанците да им даде статус на еднаквост и заедничко владеење, што ќе претставува сериозно уназадување за Македонците.

Албанците од ПЈР Македонија се договорени со лидерот на социјал-демократската партија Зоран Заев да им даде статус на еднаквост и заедничко владеење на националните заедници, што претставува сериозно уназадување за „Словените” во Скопје, се вели во анализата на порталот.