„Вориорси“ со 15 тројки ги потопија „Спарси“

Шампионот на НБА, „Голден Стејт Вориорс“ беше подобар од „Сан Антонио Спарс“ со 116:101 во вториот натпревар од доигрувањето, на свој терен во Сан Франциско.

Неизвесноста траеше само до крајот на првото полувреме до кога тимот на Грег Поповиќ се држеше резултатски, но одлуката за победникот падна во третата четвртина. „Вориорси“ тој дел од периодот го добија од 33:22 што беше доволно да ја остварат втората победа во серијата. Во победата голем удел имаше канонадата од 15 тројки од 31 обид.
„Спарси“ не треба да се отпишат  бидејќи небројно пати биле пред пораз, но успеале да се вратат во живот, така што би требало да следат два неизвесни меча во Тексас.

Кај домаќинот, за кој подолго време поради повреда не настапува капитенот Стеф Кари, најефикасен беше Кевин Дурант со 32 поени, а по него и Клеј Томпсон со 31 кош. Одличен меч за „Спарси“ одигра Ламаркус Олдриџ со дабл-дабл ефект од 34 поени и 12 скока, како и Пеи Милс кој натпреварот го заврши со 21 поен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.