Воведувањето на државен испит ќе се разгледува на следната седница на Влада

На  седница на Владата следниот вторник ќе се разгледува евентуалното воведување државен испит за студентите и негово утврдување во предлог-текст, за кој потоа Министерството за образование и наука ќе организира јавни расправи, соопшти денеска министерот Абдилаќим Адеми.

– Најверојатно на следната седница на Влада, следниот вторник, ќе се дискутира и за евентуаното воведување државен испит и за кончениот предлог-концепт од наша страна. На истата седница ќе се дискутира и за реформата на педагошките факултети и МОН ќе излезе со предлог текст на закони. Доколку Владата одлучи да има државен испит, ќе се утврди предлог, како и предлози за други закони кои се однесуваат на реформата на педагошките факултети, ќе биде отворена јавна расправа две до три недели, па повторно МОН ќе ја информира Владата со посебен извештај за дебатата и за предлозите кои евентуално би стигнале до Министерството, и Владата ќе одлучи кои од нив ќе прифати. Понатаму ќе се утврдат како текстови и ќе се проследат во Собранието, рече Адеми на прес-конференција.

Во врска со противењето на студентите кон најавената новина, Адеми рече дека нивните предлози сака да ги слушне кога МОН ќе излезе со конкретен предлог.

– Уверен сум дека тогаш ќе имаме посодржинска дискусија и ќе имаме конкретни предлози – и од студентите и од професорите. Ќе треба да седнеме, ние да ги изложиме нашите аргументи и да ги слушнеме нивните. Студентите ги бранат нивните интереси, професорите – интересите на професорите, ние мораме да ги имаме во предвид интересите и целите – и на државата и на општеството. Ние не сме против студентите, затоа што се грижиме за студентите, истакна Адеми.

Соопшти дека дел од измените на Законот за високото образование ќе биде и рекомпонирање на Одборот за акредитација и евалуација кој ќе има девет члена.

– Идејата е Одборот да биде поефикасно тело, со точно утврдени надлежности, рече министерот за образование и наука.

Во врска со протестот на ученици во Тетово кои се револтирани поради насилство, Адеми ја  повика општината и директорот да преземат повеќе активности за безбедноста на учениците.

– Секако дека треба да бидат загрижени кога се случуваат вакви настани, но ги повикувам родителите и учениците да продолжат со наставата и во соработка со директорот на училиштето, со градоначалникот, а ако треба и ние ќе се вклучиме, се со цел вакви настани во иднина да не се повторуваат во нашите училишта, рече Адеми, додавајќи дека надлежноста е кај локалната самопурава.