Возач избега откако собори мотоцикл и повреди две лица

Архивска илустрација

Две лица кои се возеле на мотоцикл се повредени, од кои едното потешко, во сообраќајна несреќа којашто се случила изминатата ноќ околу два часа по полноќ во Скопје, откако возач на „мерцедес“ удрил во нив и го напуштил местото на несреќата.

Како што соопшти МВР, сообраќајката се случила во 1,38 часот ноќеска на булеварот „Гоце Делчев“, во близина на крстосница со улицата „Лазар Личеновски“.

Патничко возило „мерцедес“ со непознати регистарски ознаки, управувано од непознат возач, удрил во мотоцикл „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 33-годишниот Б.С. од Скопје, по што го напуштил местото. Од ударот возачот Б.С. и сопатникот, исто така, 33-годишниот скопјанец Б.О. се здобиле со повреди и со друго возило биле пренесени во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде им била укажана лекарска помош.

Кај возачот Б.С. биле констатирани тешки телесни повреди, додека кај сопатникот Б.О. биле констатирани телесни повреди, наведуваат од МВР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.