Возачи ВНИМАТЕЛНО: Намалена видливоста кај Стража и прилепско

Намалена видливост на патиштата поради магла  до  100 метри има кај Стража, а до 150 метри  кај Прилеп, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) во пладневниот извептај за состојбата на патиштата.

Според АМСМ, сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани и застои, по влажни коловози. На коловозите  има остатоци од кашест снег по интервенцијата од дежурните екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.

Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Таа обврска ќе трае до 15 март 2016 година.