Воздухот и понатаму загаден – што ги труе скопјани?

Концентрацијата на штетните ПМ10 честици во воздухот денеска во Скопје е и до трипати поголема од дозволената гранична вредност. Најзагадено е  во Карпош, во Лисиче и во Гази Баба. Според информациите од Министерството за животна средина, високо загаден воздух е измерен во Центар и кај Ректорат, а според мерните апарати, средно загадување е регистрирано кај Миладиновци. За разлика од денеска, вчера воздухот во Скопје беше многу помалку загаден.

Скопјани, по се’ изгледа дека ќе се гушат во загаден воздух и оваа зима, и покрај тоа што пред неколку дена, компанијата „Макстил“ која важеше за еден од поголемите загадувачи во градов,  го затвори својот погон за да постави заштитен филтер, воздухот во метрополота и понатаму е многу загаден.

Што ги труе скопјани, особено во зимскиот период?

Експертите се согласни дека најголем загадувачки фактор се неговата местоположба, маглата и временските услови со негативни воздушни циклонси движења. Потоа, тука се и начините на загревање, сообраќајот, индустријата, лошото урбанистичко планирање… Сепак, најголемиот проблем е тоа што Скопје има микроклима, со температурна инверзија и нема движење на воздухот.

Сепак, доколку не може да се влијае на природата, секако дека може да се влијае  врз човечките фактори кои во голем дел придонесуваат за големата аерозагаденост . Во таа насока Градот веќе најави неколку мерки кои надлежните министерства треба да ги разгледаат во услови кога загаденоста е голема. Од сите предложени мерки, засега извесно  само дека од средината на месецов, улиците ќе се прскаат со калциум – магнезиум – ацетат, заради контрола и намалување на ситната прашина ПМ10 и ПМ2,5 честичките.

Дел од мерките предложени од Градот, а кои ќе се дадт на понатамошно разгледување на надлежните комисии се: Воведување на посебен сообраќаен режим во кој се предвидува пар-непар, односно движење на возилата според регистарските таблии. Исто така,  во најава е и бесплатен автобуски превоз  доколку 10 дена континуирано концентрацијата на ПМ10 е над 100 микрограми/м3.

Се предвидува и да се зајакнат инспекциските надзори, како и редовни контроли на градилиштата во однос на излегувањето на товарните возила со валкани тркала и покривање на камионите се церади. Секојдневно ќе се чистат  и мијат улиците, особено околу градилиштата. Дотур на роба ќе се врши најдоцна до 10  часот, а ќе се воспостави и посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила, кои ќе мора да ја користат заобиколницата доколку нивната крајна дестинација не е градот.