ВИДЕО: Во воздушните напади на Русија врз Сирија, загинаа 36 цивили

Најмалку 36 цивили загинаа во воздушните напади, кои Русија вчера ги изврши во Сирија. Меѓу загинатите има и пет деца, соопшти главната сириска опозициска група, Националната коалиција, пренесува МИА.

Во руските напади во покраината Хомс се убиени најмалку 36 цивили, кои се бореле против екстремистите, тврди лидерот на Националната коалиција, Халед Хоја.

Сириската опозиција нагласува дека ги добила имињата на жртвите и очекува извештаи од другите делови на земјата.

Инаку, откако претходно беше донесена одлука во Руската Дума, Русија вчера почна воена операција против Исламска држава во Сирија.

Руското Министерството за одбрана соопшти дека цели се воена опрема, комуникации, магацини за оружје, муниција и гориво.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков изјави дека главна задача на руското воздухопловство во Сирија е борбата против тероризмот и поддршката на легитимните сириски власти во антитерористичките напори.

НАТО загрижен поради руската акција во Сирија

НАТО синоќа изрази загриженост дека во воздушните напади на Русија во Сирија се разорени области на земјата кои ги држат бунтовниците, а не позиции на Исламска држава.

Столтенберг: Загрижен сум поради извештаите дека мета на руските воздушни напади не била ИД
Столтенберг: Загрижен сум поради извештаите дека мета на руските воздушни напади не била ИД

Загрижен сум поради извештаите дека мета на руските воздушни напади не била ИД, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на посетата на САД.

Столтенберг додаде дека особено го загрижува тоа што руската страна не се потрудила да ги усогласи своите воздушни напади во Сирија, со тековната операција на коалицијата предводена од САД против Исламска држава.

Претходно вчера и американскиот секретар за одбрана Ештон Картер рече дека во воздушните напади во Сирија најверојатно се погодени и овласти во кои нема борци на Исламска држава.