Возете внимателно, влажни коловози и намалена видливост

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани, по претежно влажни коловози. Слаб снег провејува на сите планиски превои во западниот и југозападниот дел од Републиката, кој во моментов не се задржува на коловозите, пренесува МИА.

Појава на магла со видливост до 50 метри има на Маврово и Стража.

Од Автомото сојузот на Македонија информираат дека е воведена забрана за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси, на патниот правец Р2136 Ржаничино – Д.Коњаре, поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња.

Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента.

Сообраќајот на патниот правец Демир Капија кон с. Корешница е нормализиран. Забраната за движење, поради свлечиште, на патот Киселица – Злетово во општина Пробиштип е сеуште во тек.

На регионалениот пат Р2232 на местото „Глобица” во непосредна близина на с. Ратавци – Пробиштип сообраќајот е сеуште во прекин.

Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон с.Степанци и с.Суво Грло.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.