Вработен во обложувалница си издавал ливчиња без да уплати, а за да се „покрие“ излажал дека го ограбиле

Скопската полиција вчера до основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против дваесет и деветгодишниот М.М. зашто лажно пријавил разбојништво во обложувалницата „Спортлајф“ со цел противправно да стекне 325.500 денари.

Пријавениот на пред четири дена, на 25 овој месец, додека бил на работа како оператор на уплата за обложување во спортската обложувалница пријавил дека две непознати маскирани и вооружени лица, кои откако влегле во обложувалницата, со закана со пиштол му наредиле да ја отвори вратата од работниот пулт и да им ги даде парите од дневниот промет кои ги чувал  под куќиштето од работниот компјутер при што двете лица си заминале од обложувалницата.

Пријавениот М.М. иако знаел дека кривичното дело не е сторено, а со намера противправно да ги присвои доверените пари, односно да го прикрие кусокот на пари кој го направил обложувајќи се на спортски натпревари и искористувајќи ја приликата што во самиот објект нема видеонадзор, на полициските службеници  им пријавил дека му е извршено кривично дело.

Полицијата утврдила дека разбојништво не е сторено зашто во неговата смена во повеќе наврати тој се обложувал на спортски натпревари и си издавал тикети за обложување а не внесувал пари во касата.

Пријавениот издал тикети за уплата за обложување на сума од вкупно 325.500 денари, и притоа не внел, односно не уплатил пари во дневниот промет, со што сторил кривично дело – „затајување“.