Вработени нови 400 полицајци во МВР

Министерството за внатрешни работи го засили кадарот со нови 400 полициски службеници. По завршената едногодишна обука, новите полицајци од генерацијата 2014/2015 денеска дадоа свечена изјава.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, обраќајќи им се на новите полицајци истакна дека очекува истите веднаш да ги применат стекнатите вештини.

– Од вас се очекува пожртвуваност и подготвеност, професионалност и ефикасност во борбата со сите предизвици. Вие сте тука да им служите и да ги штитите граѓаните, потенцираше Јанкулоска.

Најдобрата кандидатка во оваа генерација Мирјана Ивановиќ, која освоила 594 поени, истакна во името на целата генерација дека е чест и задоволство да се биде дел од МВР.

-Цел е да бидеме компетентни полициски службеници, ќе ја зголемиме довербата и ќе бидеме сервис на граѓаните. Успешноста никогаш не е случајна, а таа сега е во наши раце, истакна Ивановиќ.

Средниот успех на оваа генерација полициски службеници кои ја совладаа обуката е 91,27%.

Јанкулоска додаде дека ова е само потврда дека начинот на селекција е пример како се гради професионална служба без никакви влијанија.

Дваесет проценти од новите 400 полициски службеници се жени, а запазена е и етничката структура.

фото: Курир