Вработените во „Фени“ не прифаќаат стечај, продолжуваат со штрајк

Синдикатот на „Фени“ не прифаќа стечај и најави дека со штрајкови ќе ги блокира и судот и банките, ако има потреба од тоа.

– Ако за нас нема работа, нема да има ниту за нив, вели Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација. Тој рече дека стечај не е прифатлив, затоа што во такви услови работниците треба да седат дома и да не земаат плата.

Како вработени во Фени и јас како претседател на Синдикатот нема да останеме мирни и добродушни и на сето ова да седиме и молчиме. Ние мораме да си ги одбраниме нашите права. Толку народ да остане без корка леб, нема да дозволиме, вели Палитов, пренесува порталот СДК.

Според информациите на порталот, Палитов рекол  дека вчера на тричасовната средба вицепремиерот Кочо Анѓушев им тврдел дека Владата ќе се заложи за да не дојде до стечај. Само што се вратиле во Кавадарци, биле информирани дека банките побарале стечај и тоа многу ги налутило.

Ова не е прв пат висок претставник од Владата на Заев да им дава лажни ветувања на вработените.

Сметките на „Фени индустри“ се’ уште се блокирани иако вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев неодамна изјави дека Владата е посветена на изнаоѓање решение за проблемот со нив.

Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје како најголеми доверители на „Фени индустри“ Кавадарци, вчера до надлежниот суд во Велес поднесоа предлог за реструктуирање и реорганизација на Фени со отворање на стечајна постапка.

Целта на поднесувањето на стечајната постапка, како што информираат доверителите, е во најкраток можен рок со продолжување на активностите на Фени индустри да се изврши реорганизација. Тие предлагаат да се изнајде сериозен инвеститор кој ќе може да ги преземе и сервисира обврските на Фени индустри кон вработените, банките и другите доверители и со дополнително инвестирање да овозможи натамошно работење на комбинатот, пренесе МИА.

Сегашниот сопственик на Фени индустри Кунико, има неисполнети обврска од 40 милиони евра кон трите банки, како и дополнителни 20 милиони евра кон останати доверители. Вработените минуваат низ вистинска голгота, а стапија и во штрајк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.