Вработувања за лицата со хендикеп во компаниите

Законската обврска секоја фирма со над 35 вработени да вработи одреден процент на лица со хендикеп почна да заживува во пракса. Иако таа за фирмите стартува од крајот на идната година, деновиве осамна оглас преку кој синџир маркети во земјава бара да вработи вакви лица, што беше ретка слика во огласниците пред најавата за законските измени во овој дел, пишува Дневник.

Оваа обврска ќе важи и за приватниот и за јавниот сектор, а процените се дека преку неа работно ќе се ангажираат околу 5.000 лица, од кои 1.700 во администрација. Од невладините здруженија го поздравија решението и потенцираа дека при вработувањето на ваквите лица досега се правеле многубројни малверзации и оти со ова решение тие ќе бидат надминати. Законот налага компаниите од јавниот и државниот сектор, кои имаат над 35 вработени да мора да вработат лице со инвалидитет, а квотата мора да изнесува од 2 отсто до 6 отсто од вкупниот број вработени, во зависност од дејноста што ја врши работодавачот, а максимум до 20 лица. Во спротивно, покрај ригорозните казни тешки неколку илјади евра, ќе плаќаат и надоместок од околу 150 евра секој месец.

Анализа за бројот на лицата со хендикеп

Бизнисмените ги поддржуваат новините, но апелираат да се направи целосна анализа на бројот на лицата со хендикеп, степенот на инвалидност и на кои работни места тие можат да работат.

– Во спротивно, компанијата и да објави оглас за вработување, ако ја нема таа бројка на невработени лица со хендикеп што би можеле да работат на тоа работно место, ќе треба да плати казна. На пример, имаме градежна компанија со 1.000 вработени, која со овие квоти би требало да вработи 20 лица со инвалидитет. Kаде би можела да ги вработи освен во административните служби? Затоа баравме одложена примена на законот за да може да се подготви теренот за таквата законска обврска – вели Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Стопанствениците се децидни дека ќе го почитуваат законот, но повеќе претпочитаат овој проблем да се решава не со вработување во сите претпријатија, туку како до сега, во заштитните друштва.

– Оваа законска новина ние ќе ја испочитуваме, но таа ќе се судри со законот со кој се регулираат заштитните друштва. Со вакви услови на квоти, поголемите компании ќе треба да вработат голем број лица со хендикеп и на тој начин ќе им конкурираат на ваквите претпријатија. Разговаравме на состанок во Стопанската комора за тоа и констатиравме дека тој проблем е подобро да се решава преку заштитните друштва. На пример, во индустријата ние не можеме вакви лица да вработиме на машина, туку мора во администрација или на некои помошни работни места. Сепак, во овие услови тие работни места се ограничени. Затоа констатиравме дека е подобро да остане како до сега, да се вработуваат во компаниите што се регистрирани за тоа, за да не ги згаснеме и нив – вели Ацо Антевски, прв човек на компанијата „Раде Kончар“.

И казни и стимули

Инаку, за вработувањето лица со хендикеп работодавачите ќе добијат финансиски стимул, односно ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок, ќе добијат дополнителна парична помош од 200.000 денари за сите приватни компании за приспособување на работното место согласно потребите на вработените лица со хендикеп и до 300.000 денари за заштитните друштва, како и за грант за самовработување на лица со хендикеп до 300.000 денари.

Во законот се предлагаат ригорозни санкции за фирмите што нема да ги почитуваат одредбите од законот. Така работодавец кој има обврска, а не вработил лице со хендикеп или не уплатува надомест од 150 евра месечно, ќе може да биде казнет со парична казна од 3.000 до 4.000 евра.

Предвидени се казни и за другите прекршувања на законот и за фирмите и за заштитните друштва. Kазните се движат од 500 до 3.000 евра, во зависнот од прекршокот.

Според постојната законска регулатива во земјава се регистрирани 291 заштитно трговско друштво со 6.741 вработен, од кои 2.455 се лица со инвалидитет.