Вработување на програмери преку британска ИТ инвестиција од пет милиони евра

Британската компанија Allocate Software во Скопје го отвори новиот Центар за развој на апликации, кој ќе го зајакне техничкиот развој на пакетот апликации за пазарот на здравствени услуги.

Со планирана инвестиција од пет милиoни евра, компанијата ќе вработи 50 водечки програмери за развој на софтверски апликации во Република Македонија. Компанијата има свои канцеларии во Сиднеј и Стокхолм и таа е водечки давател на услуги за специјалистички софтвер за оптимизација на работна сила.

-Центарот ќе претставува прилика за македонските инженери да се приклучат и да ги градат своите кариери преку успешен меѓународен бизнис за апликации во здравството, рече главниот извршен директор на Allocate Software, Иан Боулс.

Министерот Ивановски обраќајќи се на настанот истакна дека компанијата од Лондон ги препозна позитивните предуслови кои ги нуди Македонија, врз основа на кои ја донесе конечната одлука за развој на нејзиниот бизнис во земјата.

-Со тоа се остваруваат заложбите и активностите на македонските владини институции за создавање амбиент на воспоставување стандарди и вредности кои ќе бидат препознаени во светот и кои ќе ни донесат нови инвестиции. Поддршката и логистиката од македонската влада во овој дел е мошне силна, а се со цел да отвораме нови работни места во кои своето место ќе го најдат професионалци информатичари,  рече Ивановски.

Главниот директор за технологија во Allocate Software, Иан Бишоп, истакна дека како компанија се заинтересирани да привлечат софтверски инженери, со цел да ги усовршат иновативните софтверски производи.

-Ние имаме долгорочни амбиции, со што нашиот развоен центар во Македонија ќе стане најголем во компанијата во претстојните неколку години, рече Бишоп.

На настанот се обрати и британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет.