четврток, 1 декември 2016  |  Вести денес: 45

Вработување за 112 поранешни професионални војници

georgiev-vlada

Поврзани вести

На минатата седница, а согласно Законот за служба во АРМ, Владата донесе одлука и акциски план согласно кои 112 поранешни припадници на професионалниот состав на АРМ, ќе бидат вработени во рамките на државните институции, рече денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев нагласи дека станува збор за 112 поранешни професионални војници на кои им престана службата во АРМ поради исполнување на старосната граница заради навршени 35, односно 38 години возраст, кои што по исполнувањето на професионалниот договор останале невработени, а врз основа на законот поднеле барање за вработување и ги исполниле условите од законот за да бидат вработени.

-Согласно владината одлука и акциски план овие 112 поранешни припадници на професионалниот состав на АРМ ќе бидат вработени во рамките на повеќе државни институции и тоа: 19 лица ќе бидат вработени во институциите на Министерството за здравство, 19 лица ќе бидат вработени во рамките на Управата за извршување на санкции,  45 поранешни професионални војници ќе бидат вработени во Министерството за правда, во Судската полиција и 29 поранешни професионални војници ќе бидат вработени во Министерството за одбрана, а потоа дел ќе останат да работат во МО, а дел согласно потребите од останатите институции и взаемната согласност, ќе бидат прераспределени и во други државни институции, рече Ѓорѓиев.

Предвидено е лицата да бидат вработени на работни места кои се соодветни на нивните образовани и професионални квалификации, а при определувањето на работното место е водено сметка за територијалниот аспект, односно е овозможено овие лица да бидат вработени во најблиска средина во однос на местото на нивното живеење.

-Во текот на овие денови овие лица се или ќе бидат контактирани од институциите, по што ќе следува постапката на потпишување на соодветните акти за вработување и за преземање во други институции, процес кој ќе резултира со доделување на решенија за вработување најдоцна во текот на почетокот на следната недела. Со ова согласно законот се вработува и последната група на поранешни професионални војници што практично значи и исполнување на последното барање на професионалните војници од аспект на решавање на нивниот статус, и овој директен позитивен одговор на Владата на нивните барања претставува дел од пошироката палета на мерки, активности и проекти чија цел е унапредување на условите за припадниците на АРМ. Ние сме убедени дека заради нивното професионално искуство, одличните работни вештини, работното искуство во рамки на структура на Армијата и учеството во меѓународни мисии од мировен карактер, овие лица во целост ќе успеат да одговорат на работните задачи на новите работни места, и сме убедени дека институциите со ангажманот на овие лица ќе добијат во квалитет на човечки кадар што ќе придонесе кон унапредување на перформансите на институциите. Од една страна имаме дополнителна придобивка во квалитет за институциите во кои ќе бидат вработени овие лица, а од друга страна државата се одолжува на овие лица заради нивниот придонес во интересите на земјата, рече Ѓорѓиев.

Владата на Република Македонија и во наредниот период ќе продолжи со реализација на мерки и проекти кои се однесуваат и значат поддршка на припадниците на Армијата на Република Македонија.

Најчитани вести