Врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2014 година

Во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2014 година.

Во областа на науката и образованието наградата ја добија алергологот и пулмолог проф. д-р Дејан Докиќ и историчарот проф. д-р Зоран Тодоровски, а во областа на културата – музичарот, диригент и педагог Рамадан Шукри, доајенката на македонската народна песна Вања Лазарова и академик Катица Ќулавкова.

Им ги врачи академик Митко Маџунков, претседател на Одборот за доделување на државната наградата. Тој истакна дека без оглед на тоа каков е односот на светот кон нас, ние нашиот свет треба да го сочуваме и да го оставиме поубав одошто сме го добиле како животен дар.

– Тоа е можно само ако го дадеме од себе најдоброто, како што е случајот со овие истакнати личности што денес ги наградуваме. Наградите се доделуваат за да се потсетиме дека над нас има нешто што не надраснува, што е поважно од нас самите. Тоа се делата на таквите личности што го вградиле својот живот трајно во уметнички и научни дела и што го ширеле и го шират гласот за нас до сите катчиња на нашата планета, рече Маџунков.

Во име на петтемина годинашни добитници на наградата „11 Октомври“ се заблагодари академик Катица Ќулавкова, која истакна дека датумот 11 Октомври 1941 е длабоко и заветно втиснат во македонската национална свест и, како што рече, го одржува свежо сеќавањето на преломниот период од поновата македонска историја, кога се создава современата македонска национална и граѓанска држава и нејзините институции.

– Во темелите на современата македонска држава, како впрочем во темелите на секоја цивилизирана држава, е поставен идеалот на слободата… Да се освои просторот на слободата значи да се има визија, да се сочува слободата значи да се има капацитет – јазичен, културен, уметнички, научно-истражувачки, креативен и институционален…, рече Ќулавкова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.