Врачени наградите „23 Октомври“

Успехот дојде како плод на тотална посветеност, а е можен само ако бескрајно се сака научната и уметничката работа, истакна денеска проф. д-р Анастасика Попоска, специјалист – ортопед заблагодарувајќи се во име на добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2014 година која денеска беше врачена во Собранието на Република Македонија.

Добитници на наградата се и писателот Милош Линдро, ликовниот уметник Доне Милјановски, народниот уметник и фолклорист Димитар Узунски и Македонската филхармонија, а се доделува за остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија.

Посветеноста на научната и уметничката работа, додаде проф. д-р Попоска, не доведе на научниот и уметничкиот врв.

– Зарем Балканот и Македонија не се на планетата земја. Според тоа ние сме граѓани на светот, а доаѓаме од Балканот, од Македонија и сме горди на тоа. Со наградата се стимулира дополнителна надградба на знаење и добивање нови идеи за наулно-истражувачка работа, а со упорноста и истрајноста се допринесува за создавање привлечна слика за нашата земја, рече проф. д-р Попоска.

3nagrada500

Претседателот на одборот за доделување на наградата Владо Матевски истакна дека еден од светлите датуми во историјата на македонскиот народ претставува формирањето на внатрешната македонска револуционерна организација во Солун. Празнувањето на овој датум, истакна тој, е особено значајно за нас бидејќи ја симболизира македонската револуционерна борба за остварување на правото на македонскиот народ на самоопределување, национален идентитет и своја држава.

– Тој претставува стожерна точка во обединувањето на националниот, интелектуалниот и слободарскиот капацитет на македонскиот народ, рече Матевски.

Наградата „23 Октомври“ се доделува во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија, области за коишто, потенцира Матевски, е потребна поголема општествена поддршка.

– Денес во времето кое го живееме можеби повеќе од кога било на творечките луѓе кај нас во областа на науката, уметноста, образованието, културата им е потребна уште поголема општествена поддршка. Развојот на државата треба суштински да биде втемелен во подобрување на амбиентот во кој ќе се остварува севкупната креативна дејност, истакна претседателот на одборот за доделување на наградата.

Државната награда „23 Октомври“ е востановена во 2007 година, а истата година е првпат доделена.