Вранишкоски со благодарност до сите кои придонеле за условниот отпуст

По денешното излегување од затворот во Идризово на Јован Вранишкоски упатено е соопштение од неговата канцеларија.

Соопштението во продолжение Ви го пренесуваме интегрално.

„На 02 Февруари 2015 год., од затворот Идризово, кај Скопје, беше ослободен Неговото Блаженство

Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, после условниот отпуст што му го даде Апелациониот суд од Скопје.

Во периодот од неговото ослободување од затворот до 23 Март 2017 год., Архиепископот Јован е условен да не изврши ново кривично дело од ист карактер. Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован се заблагодарува на сите што на било кој начин придонеле за неговото предвремено ослободување од затворот. Најпрвин се заблагодарува на директорот на затворот, кој од лично име го поднесе барањето за ослободување на Архиепископот од затвор, возвеличувајќи ги личните карактеристики на Архиепископот Јован (Вранишкоски), до степен на претераност, иако како што ѝ е добро познато на јавноста, само четириесетина дена претходно истиот тој јавно се изјасни дека нема намера да му го промени затворскиот третман на Архиепископот кон послободен затворски режим. Понатаму Архиепископот се заблагодарува на Кривичниот совет од Основниот суд Скопје I и на Апелациониот суд од Скопје, затоа што го донесоа решението за условен отпуст на Архиепископот Јован, иако токму во Основниот суд Скопје I, во текот на самото судење, на Записник од 19. 06. 2013 год., на стр. 25, во завршниот збор Архиепископот рече дека судскиот процес што се води против него и уште 18 други членови на Православната Охридска Архиепископија не е кривичен, туку „политички процес, но врз верска основа“.

Неизоставна благодарност упатува и кон политичкото раководство на Р. Македонија без чија „мудра и државничка одлука“, како што ја нарече претставникот на власта од Комисијата за односи со верските заедници, пуштањето на Архиепископот Јован на слобода би било невозможно.

Бездруго ѝ се заблагодарува и на МПЦ и нивниот Синод, кои се покажаа милостиви, какви што впрочем секогаш треба да бидат црковните пастири, па побараа милост за Архиепископот Јован, иако како што самите изјавија, тоа го направиле „заради повозвишени цели“. Секако дека ќе беше многу повозвишено да бараат милост заради самата смисла на милоста, не заради некои други цели, па макар тие биле и највозвишени. Но, благодарност и за толку.

Им се заблагодарува и на хорот од Архиереји, свештенослужители, монаси и верници од сите Православни Цркви во светот, на многу политички ангажирани личности, на влијателните институции за заштита на човековите права и верски слободи, на многу здруженија на граѓани, па дури и на некои новинари, кои правеа сѐ што е во нивна моќ да се разјасни зошто Архиепископот Јован беше политички затвореник. На крај, но затоа најискрено, Архиепископот Јован им благодари на Претстоителите на сите Православни Цркви, кои не пропуштаа прилика при секоја средба со политичкото раководство од Р. Македонија да побараат ослободување за Архиепископот Јован. Нивната поддршка не беше само молитвена туку и дејствителна. Сепак, неспорно е дека најсилно и најефикасно дејствие за ослободување на Архиепископот Јован извршија Неговата Сесветост Патријархот московски и на цела Русија г.г. Кирил и Архиепископот пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски г.г. Иринеј, потпишувајќи заеднички Меморандум за ослободување на Архиепископот Јован. Очигледно е дека нивното од Бога благословено содејство вроди плод и Архиепископот Јован денес, после три години и еден месец во затвор, излезе на слобода. Господ да им даде долгоденствие и да ги поживее на многу години.

Воедно, ја известуваме јавноста дека Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован нема да дава други изјави за јавноста заради влошената здравствена состојба“, стои во соопштението.