Свет

Вредноста на рубљата денеска опадна за 20 отсто

Вредноста на рубљата денеска опадна за 20 отсто

Вредноста на рубљата денеска падна за 20 отсто во однос на еврото и на доларот и покрај зголемувањето на референтната каматна стапка со што Руската банка се обиде да ја зајакне националната валута.

Централната банка синоќа, вонредно ја зголеми референтната каматна стапка од 10, 5 на 17 отсто со цел да го спречи понатамошниот пад на руската валута на рекордно ниско ниво, по падот на цената на нафтата и санкциите од Западот поради украинската криза.

Зголемувањето на каматната стапка, кое воедно е најголемо од 1998 година, имаше моментален ефект на зајакнувањето на рубљата, но нејзината вредност почна набрзо пак да паѓа. Во моментов едно евро се продава за 100 рубљи, а еден долар за 80 рубљи.

Гувернерката на Централната банка Елвира Набиуљина изјави дека зголемувањето на референтната каматна стапка треба да ја спречи инфлацијата, но дека тоа нема веднаш да влијае на вредноста на рубљата и дека ќе треба да помине одреден период за да се воспостави вистинската вредност на руската валута.

Вредноста на рубљата годинава опадна за речиси 50 отсто во однос на доларот.

Централната банка постепено ја зголемуваше референтната каматна стапка од 5, 5 отсто колку што изнесуваше на почетокот на годината.