Времето му истекува на Заев

Премиерот Никола Груевски од салата „Борис Трајковски“ му порача на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека времето му истекува и оти веќе на сите им е јасно што се случува и кој е целта на оваа канонада. Како што рече Груевски, Заев е фатен жив и за него има непобитни докази за тоа што го прави.

– Лицето З.З. е директно инволвиран во активности што имаат цел дестабилизација на државата. Одработува агенда, која не ја ни разбира. Го гледате ли каков израз има на лицето, човекот е во грч, со лажна насмевка, се сили, се удира во гради, се обидува себе си да се убеди дека е апсолутен морален суд, Бог кој ќе каже што е добро што е лошо, што ќе се објави во јавност, што не, чија судбина ќе се загорчи, кого ќе стави на тапет, а кого не. И нормално на крај тој пресудува јавно, што е по закон а што не е. Се само заради една работа. Тоа е токму работата заради која е таргетиран од тие што се инспиратори на сето ова, од тие што го смислиле ова. Неговата алчност за власт, пари и моќ, и неговиот очај да покаже пред неговите членови одговор зошто народот не го бира, немајќи капацитет во себе да ја види грешката, да направи понуда, програма, да одбере добар кадар со кој ќе биде конкурентен на избори, па народот да го одбере. Во цел овој налет во кој се наоѓа и во оваа негова специфична психолошка состојба во која е, тој се чини и како самиот да заборава кој е всушност. Тој е човек кој брутално ја злоупотребува својата положба во општината за да здобие пари и богатство. Човек кој самиот тврди дека во наше време заработил тој и неговата фамилија 12 милиони евра. Е како бе тоа? Па нели нема слобода и демократија. Замислете да имаше слобода, Рокфелер немаше да му биде рамен. Па пробува да направи да заборавиме која е Шекеринска, и кои се другите нивни соработници, кои беа на разни функции во едно многу мрачно време за македонската држава. Сакаат народот да заборави. Мислат ако не спомнуваат и ако се прават демек се некои нови лица, тогаш може и некој ќе им поверува. Не. Тоа се Заев и Шекеринска. Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Со име и презиме. И со сѐ друго зад нив, рече Груевски.

Денес го гледам уплашен до крај од денешниот наш собир, подвлече Груевски, побрзал порано да одржи прес-конференција.

-Тоа говори за него. За неговиот страв дека е фатен жив во многу работи, дека има непобитни докази за тоа кој е Зоран Заев и што прави тој. Но и страв дека веќе опаѓа вниманието од неговите теми. Дека времето го гази. Во тој страв ние не можеме да му помогнеме, истакна премиерот Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.