Времето сончево, температура до 13 степени

Времето денеска во Македонија е сончево. На повисоките места ќе дува слаб ветер, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Максималната температура ќе се движи во интервал од 10 до 13 степени.

Според УХМР, во 7 часот се измерени минусни температури, најниска од – 9 во Маврово, -7 во Берово, -6 во Лазарополе, -5 во Скопје (Петровец) и во Крива Паланка, -4  во Куманово, Битола, Тетово, Крушево и Претор, -3 во Скопје (Зајчев Рид) Демир Капија, Гевгелија, Прилеп, Дебар и во Струмица, -2 во Кавадарци и Охрид, -1 во Штип и Виница и  0 степени во Дојран.

Во седум часот во Маврови Анови е измерена снежна покривка од 49 сантиметри, 35 см во Лазарополе и 22 во Крушево.

Утре поради спуштање на постуден воздух од север ќе има преодно зголемување на облачноста проследено со умерен северен ветер и опаѓање на дневната температура. Во југоисточните делови ќе има услови за локален слаб дожд, а на планините слаб снег. Од среда повторно ќе продолжи периодот на стабилно и суво време со постепен пораст на дневната температура.