Вруќини

По толку години имаме пролет каква што сме ја опишувале во писмените задачи, на часовите по македонски јазик… Малку сонце, малку врне, зеленило насекаде и чист воздух по месеци темна, леплива скопска магла… Со млади девојки прерано разголени по улиците, на кои свежината им ги набабрила брадавиците и заплеткала косите… И пак не ни чини. Сакаме вруќина.
Што треба да ни се случи, па конечно да бидеме стварно задоволни?

Имавме избори и изборите завршија. Како што е ред, сега треба да се живее политиката согласно волјата на мнозинството. Но, во земја каде што ни пролет со сите нишани не е добредојдена појава, ништо добро за добро не е.

СДСМ излезе од Собрание затоа што бројот на пратеници не им бил согласно волјата на граѓаните. Добро, на избори ја видовме волјата, освен ако не се работи за некоја друга волја која ние не успеваме да ја видиме. Освен тоа, волјата на граѓаните е тие да бидат во Парламентот. Токму затоа и скоро 300.000 возрасни луѓе гласаа за нив. Но, тие не ја исполнија ни волјата на своите гласачи и решија да постапат спротивно.

За разлика од некои гласови, кои зборуваат дека ваквиот чекор е предавство, други зборуваат дека било херојство… подривање на државниот интерес, самоубиство на СДСМ, делување по грчки диктат… јас имам поумерен став. Тоа не е ништо толку трагично и драматично, туку е политичка одлука на која СДСМ, како опозиција, има право и тоа право го користи. Секако, со ризик за последиците по таа партија. Да биле таквите одлуки демократски и партиски профитни, би ги правеле и другите. А ете, не ги прават.

Освен обид да се стави партискиот пораз под тепих и да се обезбеди мир на ова раководство за уште некој, не толку долг период, има и една друга причина која како инвестиција за во иднина ја постави Црвенковски уште лани, а сега само ја реализира.
Што е тајната инвестиција на СДСМ со напуштање на Собранието?

Познато е дека СДСМ, освен транзицијата, има уште две тешки хипотеки кои постојано им се потенцираат пред секои избори. Првата од двете дополнителни е промената на знамето и името Република Македонија во ФИРОМ, кога тие по бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ и Љубчо Георгиевски имаа целосна власт во Собранието. Таа флека не се брише, бидејќи до ден-денес ние имаме тешка мака од таквата одлука.

Втората хипотека е одговорноста на овие луѓе од СДСМ, преку заедничката влада на Љубчо Георгиевски, за воениот пораз во 2001 година, по што Македонија не е веќе унитарна, туку, де факто, федерална држава. На де јуре се чека.

СДСМ очекува во овој мандат, на ова Собрание да се распише референдум и да се реши спорот со Грција. Според нив, како и да се реши, ќе има промена на името. После тоа следат години хипотека за ВМРО-ДПМНЕ дека под нивна целосна власт Македонија го сменила државното име. По што следи пораз и долга опозиција за ВМРО.

Плус од ова, тие подготвуваат и теза дека под нивната власт промената била привремена, а под власта на ВМРО-ДПМНЕ е дефинитивна. Накусо, тоа е нивниот план.

Е сега, дали баш така ќе течат работите е неизвесно. А дека тие со бојкотот на Парламентот ќе бидат далеку од политичката сцена е сосема сигурно. Освен тоа, ако се дојде до договор со Грција, ќе има референдум на кој ќе гласаат и нивните приврзаници, по што одлуката е граѓанска, а не партиска. Од друга страна, за транзит на Република Македонија со ФИРОМ референдум немаше. Одлучија сами.

Овој план на Црвенковски има логика за кругот кој соработува со него и се чини, е последна надеж дека тие, можеби, ќе најдат пат за рехабилитација. Но, во политиката кругот е многу поголем отколку оној во партискиот врв. На крај, одлучуваме сите.

Пролетва, убава каква што е годинава, ќе заврши. Следат летни вруќини. А речиси никогаш ниту една политичка одлука и акција во политиката не се донела во лето. Дали е војна или некои исклучително важни избори, летото, по правило, се одбегнувало.
Во лето, надвор од канцелариите и во лежерноста и досадата на вруќините, се анализирало, се муабетело, се создавале комбинации и планови… за наесен.

А наесен тие нема да бидат во Собранието. Пред јавноста, камерите, дипломатите и бизнисмените… за беља, овој состав пратеници им е збир на анонимуси без интегритет и авторитет, па ни индивидуално не се потенцијал да привлечат внимание и да создаваат за нив полезна политичка клима. А нема длабока социјална или безбедносна криза која би можела да им даде шанса. Освен ако не проработи вулканот во Охрид.

Ако летово не го искористат за прегрупирање, нови сојузи и создавање широка опозициска асоцијација, во која СДСМ ќе биде само дел, иако водечки дел од неа… која со ново име, нова политика и идеја и нови луѓе ќе им даде шанса за нова перцепција кај граѓаните… Заев и неговите соработници можат да се самосожалуваат и да живеат во сенка на политичките случувања се додека Груевски, по своја волја и проценка, не им распише нови избори тогаш кога тоа на него ќе му одговара.

Може ли СДСМ, и ако ја направи таа нова широка асоцијација, да очекува брз пресврт на политичката сцена и брза шанса за преземање на власта? Тешко прашање.

Прво, треба да се види идејата, политиката и кадрите на таа нова опозициска асоцијација. Колку од тоа е ново и потентно, а колку камуфлиран партиски багаж. Ако таа асоцијација успее и да се промовира како нова политика, надеж би имало. Тогаш таа асоцијација треба да работи проактивно… Не со бојкот и плукање, туку со планови, проекти и нова политичка идеја за Македонија во идната деценија. Само така.

Патем, доколку тоа нешто би профункционирало, тоа е нов политички притисок врз власта, која со нов политички противник спроти себе би можела и да направи грешки.

Најмала можност за грешка може да се очекува во економскиот сектор. Онаму каде што се инвестициите и субвенциите. Економскиот тим на Груевски со Пешевски, Ставрески, Миле Јанакиевски… групата министри без ресори, промотори… е најдобриот дел од Владата, кој својата работа ја орал и копал со години наназад и сега само се собираат плодовите. Сите нив утре да ги смени, по инерција, работата со инвестициите и земјоделството ќе тера успешно уште барем година, ако не и две.

Во јавниот сектор, каде што се образованието, спортот и културата, има низа крупни, веќе завршени проекти, кои уште долго ќе даваат резултати со јавна поддршка, дури и да нема ниеден системски или капитален проект сега или во блиска иднина. Значи, ни тука не може да се очекува крупна грешка која ќе повлече промена на силите.

Третиот, политичкиот сектор, е најранлив. Тоа е материја која се менува од ден во ден. Не се мери во милиони инвестиции, отворени фабрики, изградени музеи, театри или школи и градинки… Тоа е ирационална перцепција на јавноста колку владејачката политика е демократска, перспективна, толерантна, проевропска и либерална.

Речиси сите влади во Европа последниве седум-осум децении се менувале на ова прашање. Ни економската криза во Европа, ни загрозените плати и работни места, ни губењето државна самостојност и интегритет со влез во Европската унија… немаа клучно влијание врз стабилноста и промените на владите како политичките прашања.

Независноста на судството, слободата и самостојноста на медиумите, етничкиот баланс и комуникација, степенот на корупција, соработката и оценките од НАТО и Европската унија, рамноправноста на приватниот и државниот сектор, рамноправноста на странските и домашните инвеститори, правната и финансиската сигурност… се темите на кои не може да се има одмор и толеранција за резултатите кои се постигнати.

Доколку, наесен, се отвори нова опозициска политика со нова асоцијација, тоа е нов вид на притисок врз Владата. Уште сега се знае како би одговорила власта на кој било зафат и потез на СДСМ, но со нови играчи, идеја и политика… има и нов предизвик.

Ако опозициската асоцијација профункционира однадвор, внатре во власта, по дефиниција, следи стегање на редовите и зголемен внатрешен притисок и контрола. Тоа е амбиент на динамична одговорност во која некој ќе издржи, а некој и не. Притоа, за засилување на одбранбениот фронт следи и зголемен притисок врз сите инструменти кои имаат јавно влијание: од медиумите до судството и државната администрација. Зголемениот притисок создава и грешки, а за грешките секогаш е крив некој друг…

Значи, доаѓаат вруќините. Летни. Некои ќе ги поминат напразно во самозадоволно парадирање по плажи и отворени тераси… или самосожалување, гнев и офтика. Други за саглам муабети, смирување на тензии и прегрупирање…

Есен доаѓа.
А есента е време на берба. Ќе видиме кој што садел и орал пролетва и негувал летово. Не е така далеку, дур да трепнеш извештајот од Брисел ќе биде на маса.

Пишува: Драган П. Латас за Вечер