Врвни специјалисти од САД ќе ги обучуваат македонските лекари

Отсега па до крајот на годинава во Македонија ќе пристигнат 50 професионални врвни доктори од САД кои ќе вршат обука, ќе го пренесуваат своето знаење и вештините и рамо до рамо ќе работат со македонските доктори.

Во моментов во Македонија престојуваат 12 доктори специјалисти од кои четворица педијатри, двајца од областа на васкуларна хирургија, двајца анестезиолози, специјалист по детски болести, кардиолози и абдоменална хирургија.

Министерот за здравство Никола Тодоров, посочи дека од нив, васкуларниот хирург Стивен Вебер ќе престојува еден месец, а двајцата доктори Пол Бартон, анестезиолог и Кимберли Бартон, педијатар ќе престојуваат една година во Македонија.

– Во октомври се предвидува да дојдат 16 доктори од кои шест се дел од траума тимот односно абдоменален хирург, трауматолог, тројца доктори од Итна медицинска помош и еден неврохирург, како и педијатар, кардиолог, невролог, дерматолог, радиолог, специјалист по оториноларингологија, офталмолог, гинеколог и двајца пластични хирурзи. Посебен фокус ќе има на траума тимот кој ќе врши обука на сите македонски лекари кои работат во делот на Итната медицинска помош и траума, истакна Тодоров.

Во текот на ноември и декември, ќе дојдат уште 22 доктори специјалисти од областа на нефрологија, патологија, онкологија, семејна медицина, кои ќе бидат распределни во повеќе здравствени установи во државата.

– Во рамки на оваа група доктори, престојуваат и петмина доктори кои во моментов се тука, со долгогодишно искуство во врвни установи во областа на аутизмот. Покрај едукативни предавања докторите ги посетуваат Клиниката за детски болести, Заводот за ментално здравје, Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, каде практично ги следат пациентите со цел да придонесат во унапредување на нивниот третман. Тие одржуваат предавања и советувања на родителите на деца со аутизам во Македонија, потенцира Тодоров.

Во изминативе две години во Македонија престојувале преку 60 доктори кои го пренеле своето и го унапредиле знаењето на македонските доктори.

– Очекуваме дека во наредниот период овој број постојано ќе се зголемува, имајќи предвид дека до овој момент околу 200 специјалисти од САД имаат изразено интерес да престојуваат и работат со нивните колеги во Македонија. Овој проект има за цел сериозно да влијае на подигнување на нивото на квалитет на здравствени услуги, да овозможи воведување нови методи, унапредување на знаењата и методите кои сега се користат во јавното здравство во Македонија, додаде министерот.