Врвни тренери од странство ќе работат со учениците во Спортската академија

За четирите спортови кои се изучуваат во Спортската академија (фудбал, ракомет, кошарка и тенис) ќе бидат ангажирани врвни спортски тренери од странство за да работат со учениците.

Тоа е една од четирите нови мерки за поддршка и развој на македонскиот спорт кои ги соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска ја посети Академијата и со нејзиниот директор Дејан Јовановски разговараше за подготовките за спроведување на оваа мерка која би почнала од следната учебна година.

– Станува збор за исклучителна мерка која треба многу да го подобри и да го поддржи квалитетот на спортот и развојот на спортските таленти во Република Македонија кои во нејголем дел се во оваа специјализирана установа. Идејата за ангажирање врвни спортски тренери за четирите спорта во Академијата ќе биде дополнување и поддршка на веќе актуелниот стручен кадар кој го реализира тренажниот процес во училиштето. Сепак, како и во светот, за развој на спортот е неопходен меѓународно признат тренерски кадар за да даде стручно знаење, а ние како Министерство да дадеме поддршка за правилниот развој на овие спортски таленти кои потоа треба да го носат државниот дрес, изјави Ристовски.

Првиот ангажиран тренер со меѓународно искуство ќе биде за фудбал – спорт за кој има и најголем интерес на Спортската академија, а потоа од година во година, рече Ристовски, ќе продолжи ангажманот на тренери и за другите спортови во Академијата.

Ристовски не соопшти имиња на тренери за кои се размислува, додавајќи дека нивната желба и време за ангажман ќе бидат пресудни.

– Бидејќи се работи за една голема операција, ние подготовките ќе ги почнеме уште сега. Во текот на следната учебна година тренерот би требало да ги почне своите активности за потребите на Спортската академија. Секако, нема да биде бесплатно ангажиран тренер од таков ранг, така што веќе ги предвидовме средствата за наредната учебна година потребни за Академијата. Но тоа што ќе го инвестираме очекуваме неколкукратно да и се врати на Македонија – преку градење спортски таленти кои ќе и донесат спортски успеси во следниот период, додаде Ристовски.

Во Спортската академија лани се реализираше проектот тренери-гости за сите четири спортови, при што во последното тримесечје од учебната година со учениците работеа познати тренери од Македонија:  Лино Червар, Раул Гонзалес, Емил Рајковиќ, Ацо Тодоров, Боби Милевски, Кире Стрезовски, Индира Кастратовиќ.

Директорот на Спортската академија Дејан Јовановски смета дека новата мерка за ангажирање странски тренери ќе донесе бенефит во два правца:

– Создавање врвни спортисти кои ќе бидат носители на нашиот национален спорт, а од друга страна  – со ангажирањето квалитетни тренери ќе останеме во непосреден контакт со светските трендови за едукација и доедукација на нашиот веќе постојан тренерски кадар, и контакти во однос на меѓународна размена на искуства, рече Јовановски.

Најголем интерес во Академијата има за фудбалот за кој во дисперзираните паралелки во девет градови низ Македонија се запишани околу 150 ученици.

– Во Скопје сите четири години, од прва до четврта се полни, првпат имавме генерација што матурираше и голем дел од нив се запишаа на Факултетот за физичка култура, но и на други факултети. Со тоа ги објаснивме заблудите кои ги имаше претходно по различни основи, и покажавме дека во Спортската академија покрај спортски развој, постои и академски развој на спортистите кои подоцна можат да се запишат на кој било факултет во Македонија, додаде Јовановски.